ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Бришковска Бошковски: Грешка на плажа што ја правиме сите може да предизвика силна алергија на сонце
Летото штотуку започна, а со првите подолги изложувања на сонце кај многумина се појавуваат непријатни симптоми како црвенило, осип, чешање и чувство на печење на кожата.
Препорачано
Иако најчесто се нарекува „алергија на сонце“, станува збор за состојба која може да се појави и кај лица кои никогаш претходно немале ваков проблем.
Во емисијата „Медицинско катче“ на Слободен печат д-р Весна Бришковска-Бошковски објасни дека сонцето не е класичен алерген како храната, поленот или прашината, туку реакцијата ја предизвикуваат ултравиолетовите зраци кои влијаат врз клетките на кожата.
-Кога ултравиолетовото зрачење ќе падне на кожата, предизвикува промени во клетките, а потоа имунолошкиот систем реагира со воспаление и осип. Токму затоа народски оваа состојба ја нарекуваме алергија на сонце- објасни докторката.
Според неа, симптомите можат да бидат многу различни. Кај некои лица се јавува само благо црвенило и чешање, додека кај други се појавуваат ситни црвени брунки, меурчиња исполнети со течност, па дури во потешките случаи може да има и малаксаност, треска и покачена телесна температура.
Особено е важно што реакцијата најчесто се појавува на деловите од телото кои директно биле изложени на сонце како деколтето, подлактиците и потколениците, додека лицето често останува поштедено.
Докторката предупредува дека кај многу луѓе проблемот не е само во сончевото зрачење. Одредени лекови и козметички производи можат дополнително да ја зголемат чувствителноста на кожата. Меѓу најчестите фотосензибилизатори се некои антибиотици, лекови за акни, диуретици, лекови за висок крвен притисок и нестероидни антиинфламаторни лекови. Но, реакцијата може да биде предизвикана и од парфеми, креми и лосиони кои содржат одредени есенцијални масла.
-Често гледаме пациенти кои на плажа користеле парфем или козметички производ со фотосензитивни состојки, а потоа добиле осип и темни флеки на местото каде што бил нанесен производот- вели таа.
Интересно е што дури и некои овошја можат да бидат причина за вакви реакции. Контактот на кожата со лимон, портокал или други цитрусни плодови, во комбинација со сончевите зраци, може да предизвика иритација и воспаление. Според докторката најголем проблем е наглото изложување на сонце.
-Денес луѓето поголемиот дел од времето го минуваат во затворени простории. Потоа одеднаш заминуваат на одмор и поминуваат часови на плажа. Токму тоа нагло изложување е најчестата причина за појава на алергија на сонце- нагласува докторката.

Затоа препораката е изложувањето да биде постепено, уште од пролетните месеци, за кожата постепено да развие поголема толеранција на ултравиолетовото зрачење. Кога ќе се појават првите симптоми, најважно е веднаш да се прекине изложувањето на сонце.
Кај полесните случаи може да помогнат ладни облоги и хидратантни или разладувачки гелови. Ако симптомите се поизразени и се јави интензивен јадеж, најчесто се препорачуваат антихистаминици и локална терапија која ја смирува воспалителната реакција на кожата.
– Вообичаено симптомите се повлекуваат за два до три дена доколку пациентот избегнува сонце и применува соодветна терапија- вели Бришковска-Бошковски.
Таа предупредува дека проблемот може повторно да се појави и во текот на истото лето доколку лицето повторно нагло се изложи на силно сонце без заштита. Поголем ризик имаат лицата со светол тен, светли очи и чувствителна кожа, како и луѓето кои веќе имаат историја на алергии, егзема или други кожни заболувања.
Наследниот фактор исто така игра значајна улога. Ако некој член од семејството има алергија на сонце, постои поголема веројатност и другите членови да развијат слични симптоми. Докторката потенцира дека најмалите деца не треба директно да се изложуваат на сонце, особено во првите месеци од животот.
-Најдобра заштита се сенката, лесната но густа облека, капите со широк обод и медицински тестирани креми со висок заштитен фактор- советува таа.

Според неа, престојот на сонце треба да биде ограничен на утринските часови пред 10 часот и попладне по 16 часот, кога УВ-зрачењето е значително послабо. Иако предупредува на ризиците, докторката нагласува дека сонцето не треба да се доживува како непријател. Освен што учествува во создавањето на витамин Д, сончевата светлина има позитивно влијание врз расположението и менталното здравје.
Сепак, клучот е во умереноста.
-Избегнувајте нагло и неконтролирано изложување на сонце, користете соодветна фотозаштита, носете заштитна облека и одржувајте добра хидратација. Така ќе ги искористите придобивките од сонцето, а ќе ги намалите ризиците за кожата- порачува д-р Весна Бришковска-Бошковски.


