ФОТО | Конечно се обновува оштетениот мост „Естекада“ во Автокоманда
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска информираше дека започнува долгоочекуваната реконструкција и санација на мостот „Естекада“ во Автокоманда, кој е една од главните сообраќајници бидејќи ги поврзува жителите на Гази Баба со општина Аеродром.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-Овој мост има особено значење, затоа што се наоѓа на еден од најфреквентните излези од Скопје и претставува важна врска за граѓаните кои секојдневно се движат кон и од општините што гравитираат во овој дел. Тука минуваат работници, ученици, семејства, компании, транспорт и затоа нашата обврска е оваа сообраќајна артерија да биде безбедна, функционална и достоинствена – изјави градоначалникот.

Мостот има специфична градба и е уникатен, но изминатата деценија е тотално заборавен и поради илјадниците возила кои секојдневно минуваат по него, асфалтот исполнет со дупки и испакнатини од тешките товарни возила, има оштетени заштитни огради од бројните сообраќајни несреќи.
Ѓорѓиевски информираше дека проектот опфаќа реконструкција на пристапни рампи на вкупна површина од 10.000 метри квадратни, од кои 3.800 квадрати ќе бидат целосно изгребани и обновени со два нови слоја асфалт, а нов асфалтен слој ќе добие и самиот мост.

Исто така, од Град Скопје ни одговорија дека на терен ќе се направи и корекција и санација на металните огради, санација на оштетените бетонски делови, како и корекција на преодните плочи на местата каде што е евидентирано нивно пропаѓање.
-Во однос на состојбата на надвозникот и оштетувањата на коловозната површина, информираме дека е предвидена целосна реконструкција на објектот. Проектот опфаќа реконструкција на коловозната површина, замена на хидроизолацијата, комплетно асфалтирање на целиот надвозник, корекција и санација на металните огради, санација на оштетените бетонски делови, како и корекција на преодните плочи на местата каде што е евидентирано нивно пропаѓање- одговорија од Град Скопје за „Слободен печат“.
Сообраќајницата брои четири клучки, една од страната на „Алкалоид“, потоа од излезот од Автокоманда кон „Фершпед“ и трговскиот центар „Годи“ и обратно, како и рампата во правец од Камник кон Автокоманда, каде има исклучување од булеварот „Александар Македонски“, а местото е од голема важност поради тоа што одовде е и излезот од Скопје во насока кон обиколницата и кон Куманово.



