Христијан Мицкоски и Ванчо Чифлиганец / фото: Фејсбук / Христијан Мицкоски

Премиерот Мицкоски отиде на отворање на приватен старечки дом на Чифлиганец, рече дека луѓето како него се најголеми патриоти

Мицкоски искажа низа пофалби за, како што го нарече, „прекрасниот објект“ и рече дека Владата имала цел и задача да ги поддржува приватните иницијативи со цел „да го олеснат животот“.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше на пуштање во употреба на Дом за стари лица на приватниот холдинг „Адора“ на бизнисменот Ванчо Чифлиганец во Општина Илинден.

Уште и пред да биде прашан за тоа зошто во официјална улога се појавува на отворање на приватен проект, Мицкоски искажа низа пофалби за, како што го нарече, „прекрасниот објект“ и рече дека Владата имала цел и задача да ги поддржува приватните иницијативи со цел „да го олеснат животот“.

„Денеска сме овде да го одбележиме отворањето на овој прекрасен објект, приватна инвестиција целосно. Наша цел и задача како Влада е да поддржуваме приватни иницијативи, посебно кога тие иницијативи имаат цел да го олеснат животот, да бидат додадена вредност и да го зголемат квалитетот на животот на нашите сограѓани, така што ние како Влада апсолутно поддржуваме ваков претприемачки дух“, рече Мицкоски.

Христијан Мицкоски и Ванчо Чифлиганец / фото: Фејсбук / Христијан Мицкоски

Премиерот не запре тука – тој упати честитки за инвеститорот Чифлиганец, оценувајќи дека луѓето како него се „во суштина најголеми патриоти“.

„Навистина претставува храброст пред сè да се влезе во една ваква инвестиција, за мене луѓето коишто влегуваат во вакви инвестиции се во суштина најголемите патриоти коишто обезбедуваат едно работно место повеќе, коишто се грижат да обезбедат плата повеќе во месецот, така што ние како Влада секогаш ќе бидеме на страната на бизнисот којшто секогаш се труди да направи повеќе. Колку е поуспешен бизнисот, толку е и државата поуспешна, тоа јас сум го кажал многупати, а колку е државата пак поуспешна тогаш и бизнисот е повреден, тоа е отприлика како двонасочна улица, така што за мене претставува чест и благодарност до сопственикот на објектот, овде за денеска што ме покани да свечено го отвориме овој објект“, додаде премиерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот