Гиновска: Отпадот е најголем еколошки проблем, а половина општини немаат инспектор за животна средина
На прашањето дали инспекцискиот надзор е доволен за справување со загадувањето и нелегалните активности, Гиновска е децидна дека инспекциите претставуваат само дел од решението.
Загадениот воздух, дивите депонии, ниската стапка на рециклирање и непречистените отпадни води остануваат меѓу најголемите еколошки предизвици со кои се соочува Македонија. Иако јавноста најчесто е фокусирана на аерозагадувањето, статистиката покажува дека најголемиот број прекршочни постапки и инспекциски интервенции се поврзани со неправилно управување со отпадот.
Во интервју за „Слободен печат“ директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, вели дека државата мора посериозно да пристапи кон заштитата на животната средина преку системски реформи, посилни институции и поголема одговорност од сите чинители во општеството.
Препорачано
-Најголемите еколошки предизвици со кои се соочува Македонија денес се квалитетот на амбиенталниот воздух во текот на грејната сезона, управувањето со отпадот, појавата на бројни диви депонии, ниската стапка на селекција на отпадот и недостигот на регионални центри за негово одржливо управување. Дополнително, сериозен предизвик претставува деградацијата на водните ресурси, бидејќи голем дел од урбаните и индустриските отпадни води завршуваат непречистени во природата- вели Гиновска.
Според неа, последиците од ваквата состојба не се ограничени само на животната средина, туку директно влијаат врз здравјето на граѓаните, економскиот развој и зачувувањето на биодиверзитетот.
Иако јавноста најмногу реагира на загадувањето на воздухот, податоците од инспекциските служби покажуваат дека прекршувањата во областа на отпадот се најбројни.
-Областа на отпадот убедливо е најчесто предмет на еколошки прекршоци. Најголем број поведени прекршочни постапки, инспекциски надзори и изречени санкции се поврзани со неправилно постапување со отпадот. Тоа укажува дека државата мора многу повеќе да инвестира во системи за селекција, рециклирање и современо управување со отпадот- вели Гиновска.

Таа додава дека проблемот со дивите депонии и расфрлањето отпад на јавни површини останува еден од највидливите показатели за недоволно развиената еколошка култура во општеството.
Инспекцискиот надзор е важен, но не и доволен
На прашањето дали инспекцискиот надзор е доволен за справување со загадувањето и нелегалните активности, Гиновска е децидна дека инспекциите претставуваат само дел од решението.
-Инспекцискиот надзор е неопходен механизам за контрола и санкционирање, но не може самостојно да ги реши сите проблеми. Вистинското решение бара системски, превентивни и долгорочни мерки. Инспекторатите се соочуваат со недостиг на кадар, ограничени буџети и организациски предизвици кои ја намалуваат нивната ефикасност- истакнува таа.
Според неа, неопходна е дигитализација на административните процедури, побрзо издавање на дозволи и поголема координација меѓу институциите. Воедно, смета дека е потребно поефикасно процесуирање на кривичните дела против животната средина и создавање специјализирани истражни капацитети.
Гиновска нагласува дека борбата против еколошкиот криминал не може да биде одговорност само на една институција.
-Државниот инспекторат за животна средина тесно соработува со Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, локалните самоуправи и Министерството за животна средина и просторно планирање. Особено важна е координацијата со МВР и Царината при откривање на случаи на нелегална трговија со опасен отпад, заштитени видови и други форми на еколошки криминал- објаснува таа.
Истовремено, додава дека полицијата често обезбедува асистенција при спроведување на инспекциски контроли во ризични подрачја.
Граѓаните се поактивни
Според директорката, граѓаните денес многу почесто ги пријавуваат еколошките проблеми отколку пред неколку години, што е позитивен сигнал за растечката јавна свест.
-Граѓаните сè почесто ги користат достапните канали за пријавување преку телефон, електронска пошта или веб-платформи. Сепак, ефективноста на нивните претставки често е ограничена поради институционалните слабости на локално ниво- вели Гиновска.
Таа открива загрижувачки податок дека повеќе од половина од општините во Македонија сè уште немаат овластени инспектори за животна средина.
-Тоа претставува сериозен проблем бидејќи голем дел од еколошките проблеми се случуваат токму на локално ниво. Без доволен број инспектори е тешко да се обезбеди ефикасен надзор и брза реакција- нагласува таа.
Компаниите да ја гледаат животната средина како инвестиција
Гиновска упатува порака и до бизнис-заедницата, оценувајќи дека современото работење подразбира и високо ниво на еколошка одговорност.
-Почитувањето на еколошките стандарди веќе не е само законска обврска, туку клучен фактор за долгорочен успех. Компаниите треба да престанат да ја гледаат животната средина како трошок и да ја третираат како стратешка инвестиција. Намалувањето на отпадот, подобрата енергетска ефикасност и користењето обновливи извори на енергија не само што придонесуваат за почиста животна средина, туку и ги намалуваат оперативните трошоци- вели таа.

На крајот, директорката порачува дека во следните пет години очекува сериозен напредок во енергетската транзиција, управувањето со отпадот и заштитата на природните ресурси, но предупредува дека тоа нема да биде можно без силен и независен инспекциски систем.
-Инспекциите треба да бидат организациски независни, со доволен буџет, стручен кадар и јасно дефинирани надлежности. Само така ќе можеме да обезбедиме ефикасна заштита на животната средина и доследно спроведување на законите- порачува Гиновска.
Закон има, контејнери нема – текстилниот отпад ги „облeкува“ депониите


