Уставниот суд лансира нова платформа: „Дознај ФАКТИ“ ќе се бори против лажните вести и дезинформациите
Уставниот суд од денеска официјално ја пушти во употреба новата комуникациска платформа „Дознај ФАКТИ од Уставен суд“, чија цел е навремено, точно и официјално информирање на граѓаните, медиумите и пошироката јавност.
Препорачано
Од Судот информираат дека платформата е дел од заложбите за поголема транспарентност, отвореност и достапност на информации од јавен интерес. Преку неа ќе се објавуваат проверени факти, појаснувања за работата на Судот, неговите одлуки, постапки и надлежности.
Според Уставниот суд, новата алатка треба да придонесе и во борбата против дезинформациите, шпекулациите и лажните вести поврзани со работата на институцијата, кои во последниот период се почести во јавниот простор.
Платформата ќе нуди официјални информации и објаснувања за донесените одлуки, ќе прави јасна разлика меѓу фактите и шпекулациите, а ќе содржи и едноставни толкувања на уставно-правни прашања со цел тие да бидат полесно разбирливи за јавноста.
Покрај актуелните содржини, граѓаните ќе можат да најдат информации за организацијата и надлежностите на Судот, значајни одлуки од уставно-судската практика, како и интересни податоци од историјатот на институцијата и развојот на уставното судство.
Од Уставниот суд посочуваат дека „Дознај ФАКТИ“ ќе има и едукативна улога, придонесувајќи за подобро разбирање на уставноста, законитоста и заштитата на човековите права и слободи.
„Со воспоставувањето на оваа платформа ја потврдуваме нашата определба за навремена, точна и одговорна комуникација со јавноста и за градење доверба преку факти и официјални информации“, порачуваат од Уставниот суд.
Културни работници на протест пред Уставен суд порачаа „Рацете подалеку од Колективниот договор“


