Културни работници на протест пред Уставен суд порачаа „Рацете подалеку од Колективниот договор“
Културни работници денеска во 13 часот протестираа пред Уставниот суд, во организација на Синдикатот на културата (СКРМ), поради стравувањата дека судската постапка поврзана со Колективниот договор во културата може да доведе до уривање на веќе стекнатите работнички права.
Препорачано
Откако пред повеќе од една недела протестираа пред Министерството за култура, сега, во говор пред насобраните работници, од СКРМ рекоа дека стојат пред Уставниот суд кој „треба да биде последниот штит на правдата, последната линија на одбраната“.
„Она што се случува со Колективниот договор за културата, не е техничко прашање, туку е порака дека културата е најлесна мета. Дека уметникот може да се обезвредни. Порака дека стекнатите права не се сигурни. Ако денес падне културата – утре паѓаат сите. Ова не е формалност, не е ситница, ова се суштинско прашање. На јавната седница на Уставниот суд на 8 април, слушнавме многу аргументи кои нам, како културни работници – иако не сме правници – ни звучеа најмалку чудно. Зошто? Затоа што истиот тој Уставен суд и скоро истиот состав на уставни судии пред само пет години за истото прашање зборуваа едно, а денес зборуваат друго“, посочија од СКРМ.
Од Синдикатот говореа и за правата на вработените и нивната положба. Работниот однос, како што наведоа, се уредува со закон за работни односи, колективен договор и договор за вработување, а работникот има право на заработувачка – плата.

„Колективниот договор има право да го уредува она што е пропишано, или не е утврдено со Закон. Ова го гарантира Уставот, законите, колективните договори, но и меѓународните трудови стандарди на Меѓународната организација на трудот, му се допаѓало некому или не“, нагласија од Синдикатот.
Според СКРМ, Колективниот договор не е привилегија или бројка во буџет, тој е резултат на преговори и години борба. Оттука, Синдикатот е на ставот дека ако Колективниот договор за култура падне на Уставен суд, тоа нема да биде изолиран случај, туку „почеток на падот на сите колективни договори“.
„Рацете подалеку од Колективниот договор. Престанете со таргетирање на културните работници. Почитувајте ги стекнатите права, тие се изборени, а не подарени. Не го рушете договорот. Не сме буџетска ставка – туку луѓе. Правдата не е алатка за штедење. Држава без култура е празна држава. Кратење на културата значи кратење на идентитетот. Денес ни го земате правото – утре гласот. Ова не е реформа, ова е уривање“, порачаа од Синдикатот пред Уставен суд.

Од самиот суд денеска стигна соопштение до медиумите. Рекоа дека станува збор за втора фаза во која ќе се оценува уставност и законитост на Колективниот договор за културата, а конечна одлука за оспорените акти уште не е донесена.
„Судот постапува исклучиво во рамки на своите уставно утврдени надлежности и одлучува по уставно-правни прашања, односно ја оценува усогласеноста на прописите со Уставот. Во таа смисла, предмет на разгледување не е работата, значењето или придонесот на уметниците и културните работници, ниту пак нивниот статус или примања. Важно е да се направи јасна разлика: уставно-судската контрола се однесува на актот, а не на културните работници“, рекоа од Уставниот суд.
Инаку, Судот поведе постапка за оценување на Колективниот договор за култура по поднесена иницијатива од адвокатот Томислав Стефков, и по сопствена иницијатива поведе постапка за член 78-љ од Законот за култура.


