Горан Минчев - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Горан Минчев - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Минчев се пофали дека им ги покачил платите на административците и поставил „нови стандарди за модерни институции“

Јавната администрација не се менува со најави, туку со конкретни решенија, системски промени и работа на терен, рече денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев, кој на својот двегодишен отчет се пофали дека поставил реформи за, како што кажа, повисоки плати, професионални раководители и нови стандарди за модерни институции.

„Не ветувавме реформи, туку работевме на нивно спроведување. Не се водевме од краткорочни решенија, туку од потребата да поставиме стабилни темели на систем кој со години се соочуваше со одложувања и недовршени процеси“, истакна министерот Минчев.

Според него, еден од најзначајните резултати е усвојувањето на трите системски закони во областа на јавната администрација – Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници.

Како што кажа, особено значаен сегмент од реформите е подобрувањето на статусот на административните службеници. Во партнерски дијалог, рече тој, со синдикатите постигнат е договор преку колективните договори, со кој е обезбедено континуирано зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти до 2028 година.

„Реформата на јавната администрација не може да биде успешна без да се грижиме за луѓето кои секојдневно ја носат работата на институциите“, нагласи Минчев.

Горан Минчев - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Горан Минчев – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Го спомена и Законот за високи раководители, со кој, според Минчев, за првпат се воспоставува единствен систем за избор и управување со највисоките раководни позиции во државната администрација.

„Новиот модел предвидува јавен оглас, проверка на условите, рангирање и избор на најдобрите кандидати, со што високите позиции се поврзуваат со знаење, компетентност, професионално искуство и интегритет. Законот опфаќа државни секретари, директори и заменици директори во институциите каде што е предвидено, а воведува и механизми за следење на нивната работа и одговорност за резултатите. Дополнително, со ограничувањето на В.Д. мандатите на шест месеци и намалувањето на бројот на членови во управните одбори на три члена, се создава поголема стабилност, ефикасност и рационално користење на јавните средства“, рече тој.

Паралелно со законските промени, дополни Минчев, воспоставена е Академијата за јавна администрација „како нов систем за развој на знаењата, компетенциите и професионалниот потенцијал на административните службеници“.

„Академијата не ја гледаме само како нова институција, туку како инвестиција во луѓето и мотор на модерната администрација“, истакна министерот

Тој наведе дека бил унапреден на Информациониот систем за управување со човечки ресурси – ИСУЧР, воспоставени се и механизми за следење на Стратегијата за реформа на јавната администрација, имало реформа на инспекцискиот систем, а подобрени биле и процесите за управување со квалитетот во институциите.

Владата и синдикатите договорија покачување на платите за 11.000 административци

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот