Локални избори / Фото: Драгaн Митрески - Слободен печат

Политичката кариера на Мицкоски како влог за дијаспората да гласа електронски

Електронското гласање на дијаспората е неприфатливо за СДСМ, бидејќи стравуваат од изборни манипулации зашто не се нудат заштитни механизми за лицата кои своето право на глас ќе го остваруваат по електронски пат

Нема договор за измените на Изборниот законик и по два дена разговори на координаторите на пратеничките групи. Спорно остана електронското гласање на дијаспората кое беше црвената линија на ВМРО-ДПМНЕ за договор за Изборниот законик, барање кое е целосно неприфатливо за СДСМ.

Премиерот Христијан Мицкоски дури ја „вложи“ и својата политичка кариера со гаранција дека нема да се кандидира за шеф на државата само дијаспората да може електронски да гласа.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче е дециден дека блокада на Изборниот законик со илјадници амандмани ќе има, бидејќи со електронското гласање на дијаспората се доведува под прашалник легитимноста на изборите.

Мицкоски рече дека Владата и ВМРО-ДПМНЕ ги прифаќаат предлозите на СДСМ и на Левица, освен електронското гласање за дијаспората.

– Немам намера да се кандидирам во 2029 година за претседател на државата. Кога ќе ми заврши мандатот како претседател на Владата, се враќам на факултет (Мицкоски е професор на Машинскиот факултет – н.з.). Кога зборувам за прифаќање на нивните предлози, сè што ќе предложат, ќе им прифатиме, освен гласањето на дијаспората. Мораме сите заеднички, бидејќи сите го правевме, да се потпишеме како поднесок на истиот тој закон – изјави Мицкоски.

https://www.slobodenpecat.mk/mickoski-eve-neka-%d1%9d-olesni-na-opozicijata-nema-da-se-kandidiram-za-shef-na-drzhavata-neka-poddrzhat-dijasporata-da-glasa-elektronski/

Мицкоски: Левица ја интересираат само пари

Тој потсети дека Левица учествувала во целиот процес на договарање на овој закон и дека работната група прифатила сè што побарале. Мицкоски рече дека Левица ја интересираат само пари.

– Всушност, нивниот главен фокус беше на финансирањето на кампањата. Сè што побараа им беше прифатено. Усогласено беше со сите со кои преговараа. Впрочем, има и записници. Сега ние не можеме да зборуваме едно зад завеса, а друго да правиме пред неа. Каде настана проблемот? Тогаш кога политичката партија рече ние нема да се потпишеме, вие потпишете се. Ние нема да правиме филибастеринг, вие слободно гласајте го и така да помине. Каква порака испраќаат со тоа? Ние го добивме она што го сакаме. Работевме цело време најлицемерно, сега откажуваме за да се прикажеме пред оние што нè поддржуваат дека, еве, ние сме тврдокорните, а во суштина како мачиња сè си прифатија за време на дебатата. Тоа е таа лицемерна политика што континуирано оваа политичка партија ја води. И еве да им олеснам, бидејќи гледам дека во јавноста шпекулираат со тоа дека јас сум предложил дијаспората да биде вклучена во гласањето, што е природно, на електронски начин од следните претседателски избори во 2029 година, па јас ќе сум се кандидирал, па затоа тоа сум го предложил. Нема да се кандидирам – рече Мицкоски.

Тој рече дека кога ќе му заврши мандатот претседател на Владата, ќе се врати на факултет меѓу студентите. За барањата на СДСМ, рече дека ќе ги прифатат, освен тоа за дијаспората.

– Ние многу јасно кажавме, освен делот со дијаспората, кажете – сè што треба, ќе прифатиме. Немаме проблем, затоа што ние цениме дека нашата дијаспора треба да си го оствари своето право по електронски пат. Зборувам за оние што се на Избирачкиот список и оние што поседуваат македонски пасоши. Сè друго што ќе кажат, така ќе прифатиме – рече Мицкоски.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски за „Слободен печат“ изјави дека ќе ја закажат Комисијата за политички систем и, според најавите на СДСМ и на Левица за илјадници амандмани, очекува дека Изборниот законик ќе остане блокиран и дека на следните парламентарни избори ќе се оди со постоечките изборни правила.

– За жал, и вториот ден од разговорите меѓу координаторите на пратеничките групи и на пратеници кои немаат пратенички групи за Изборниот законик не успеавме да дојдеме до договор, иако имаше ретерирање во одредени ставови помеѓу сите пратенички групи. ВМРО-ДПМНЕ ги прифати сите забелешки кои ги има и ДУИ и Левица. Беа тргнати одредени членови кои беа спорни, но не успеавме да ги убедиме СДСМ да ретерираат за гласањето на дијаспората. Со тоа сметаме дека разговорите се завршени и дека денеска ќе ја закажеме Комисијата за политички систем на која очекувам дека ќе бидат поднесени амандмани од СДСМ и од Левица. За колкав број на амандмани се работи, ќе видиме на самата седница. За жал, четиримесечната работа на работната група која консензуално работеше на Изборниот законик не успеа да го види светлото на денот од причина што СДСМ не се согласи дијаспората да гласа електронски – изјави Мицевски за „Слободен печат.

https://www.slobodenpecat.mk/nema-dogovor-za-izborniot-zakonik-sleduva-blokada-so-iljadnici-amandmani/

Ова значи дека на следните избори ќе важи постоечкиот Изборен законик.

ЛДП: Зошто електронски да не гласаат и гласачите дома?

Токму електронското гласање на дијаспората е неприфатливо за СДСМ, бидејќи стравуваат од изборни манипулации зашто не се нудат заштитни механизми за лицата кои своето право на глас ќе го остваруваат по електронски пат.
Филипче потврди дека ќе го блокираат Изборниот законик поради електронското гласање на дијаспората и оцени дека предложеното решение не е доволно безбедно и остава простор за злоупотреби. Според Филипче, ваквиот модел не е европска практика. Тој посочи дека некои држави, меѓу кои и Франција, се откажале од електронското гласање поради безбедносни ризици.

– Зошто да ја доведеме државата во ситуација да се сомневаме во регуларноста на изборниот процес? Тоа отвора можност за злоупотреби, контролирано гласање и сомнежи во легитимноста на изборите – рече Филипче.

Тој предложи одредбата за електронско гласање на дијаспората да биде повлечена од актуелните законски измени и за неа дополнително да работи експертска работна група, со цел да се изгради сигурен и доверлив систем до претседателските избори во 2029 година.
Според лидерот на СДСМ, доколку електронскиот систем биде хакиран или нефункционален на денот на гласањето, тоа би можело сериозно да го наруши изборниот процес и легитимитетот на резултатите.
СДСМ подготви 10.000 амандмани со кои ќе го блокира Изборниот законик, додека Левица ќе поднесе околу 3.000 амандмани.

Лидерот на Левица Димитар Апасиев оцени дека Изборниот законик којшто ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го протурка е опасен обид за ограничување на демократскиот простор. Според Апасиев, скандалозна новина е членот 76 ѓ, со кој се предвидуваат глоби од 8.000 евра за содржини објавени на социјалните мрежи во време на изборна кампања.

– ВМРО-ДПМНЕ се обидува перфидно да ја претстави темата за електронско гласање на дијаспората како своја црвена линија, а целта им е Изборниот законик да се доведе до ниво на неприфатливост за да остане непроменет, односно Левица да остане без финансии за изборна кампања, без фер распределба на средствата за платено политичко рекламирање – рече Апасиев.

За ЛДП не е спорно дали да гласа дијаспората електронски, туку зошто електронски да не гласаат и гласачите дома.

– Апсолутно немам ништо против гласачкото право на дијаспората. Но сметам дека не можам како пратеник од првата изборна единица да дозволам граѓаните од мојата изборна единица да бидат во понепривилегирана и дискриминирачка положба, бидејќи треба да бидеме свесни дека со ова законско решение воедно се укинуваат и избирачките места каде што има околу 10 жители и со тоа, се ставаат во понепривилегирана положба граѓаните кои што живеат тука, на територија на Македонија – смета претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова.

 

Прекината седницата на Комисијата за политички систем

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците по усвојување на дневниот ред со единствена точка измени и дополнувања на Изборниот законик, по скратена постапка, ја прекина седницата, бидејќи за него се поднесени многу амандамни што треба да се архивираат, а потоа и да се преведат на албански јазик.
– Поднесени се многу амандмани што се архивираат, па ќе бидат преведувани и затоа за продолжението на седницата ќе бидете извесени – изјави претседателот на Комисијата, пратеникот Љупчо Пренџов.

 

Наместо нов Изборен законик, повторно „козметички“ измени, ако опозицијата не го блокира

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот