„Не отстапуваме од работничките права“ — Синдикатот на културата поднесе претставка до Меѓународната организација на трудот
Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) соопшти дека поднел претставка до Меѓународната организација на трудот (МОТ), оценувајќи дека биле исцрпени сите можности за мирно решавање на спорот околу Колективниот договор за култура.
Препорачано
Од СКРМ велат дека на овој чекор се одлучиле откако, како што наведуваат, повеќе од една година немало суштински дијалог со Министерството за култура и туризам, а паралелно се води и постапка пред Уставниот суд поврзана со Колективниот договор.
„Повеќе од една година Министерството за култура и туризам, не најде за потребно да седне на преговарачка маса со синдикатите и да се обидеме заеднички да најдеме решение. Наместо тоа, работите ескалираа до степен во кој, поради непочитувањето на правата утврдени со Колективниот договор, СКРМ беше принуден да поднесе околу 800 тужби против институциите, додека иницијативата поднесена од ‘загрижен граѓанин’ беше прифатена од Уставниот суд, кој сега е пред одлука за укинување или поништување на Колективниот договор за култура“, соопшти Синдикатот.
Оттаму велат дека, по изложување на поединостите, добиле препорака од надлежните во Меѓународната организација на трудот (МОТ), жалбата да ја поднесат пред Комитетот за слобода на здружување.
„Ова е втора претставка од Република Македонија пред овој Комитет. Надлежните од МОТ неофицијално самите изразија сериозна загриженост од односот на државата кон вработените во културата. Според нивните неофицијални изјави, обиди за заобиколување на колективното договарање од ваков вид не сретнале ниту во земји како Индија, Бангладеш или Виетнам. Доколку Уставниот суд го укине Колективниот договор во ваков очигледно исфорсиран и изнуден процес без преседан, тоа нема да претставува само тежок удар за вработените во културата, туку и сериозен удар врз меѓународниот углед на Република Македонија, која би можела да се најде со епитетот ‘рушител на колективното договарање’ и да стане втората држава во Европа што укинала колективен договор“, соопштува Синдикатот.
Воедно, Синдикатот побарал од МОТ и медијација во случајот, за која се надеваат дека ќе биде успешна и, како што велат, жалбата против Република Македонија нема да се ефектуира.
СКРМ останува целосно посветен на преговарачкиот процес, но порачува дека нема да прифати ултиматуми од кој било вид.
„Нашата борба отсекогаш била и ќе остане борба за почитување на работничките права, за достоинството на културните работници и за владеење правото. Од тие принципи нема да отстапиме“, соопштија оттаму.
Културни работници на протест пред Уставен суд порачаа „Рацете подалеку од Колективниот договор“


