Фото: Приватна архива/Pexels

Книжевни препораки на Ана Голејшка Џикова — шест книги што ќе ја разбудат љубовта кон читањето кај децата и тинејџерите

Летниот распуст е совршено време за откривање нови светови меѓу страниците на добрата книга. Љубовта кон читањето се гради уште од најрана возраст, а книгите имаат моќ да ја поттикнат имагинацијата на детето. Исто така, ова интересно хоби може да им помогне на младите да развијат емпатија и критичко размислување.

Со желба да ги инспирираме младите читатели ова лето да посегнат по интересно четиво, побаравме препораки од поетесата, авторка на книги за деца и професорка по македонски јазик и литература Ана Голејшка Џикова.

„Да се твори за деца е магично, одговорно и секогаш полно со изненадувања. Благодарна сум што животот ме одведе на ова патување, затоа што останувам дете во големиот тмурен возрасен свет“, вели Голејшка.

Таа за читателите на „Слободен печат“ одбра три книги за деца и три книги за тинејџери кои вреди да се прочитаат за време на распустот.

Фото: Pexels

Три книги за деца

„Куќичката на седумте Наџуџиња“ – Ана Голејшка Џикова (издание на „Светулка“)

Куса расказ-сликовница која е напишана за најмалите, но и поголемите. Приказна измислена за пред спиење за ќерка ми, која години подоцна, со мајсторските илустрации на Иванка (НиБа), стана сликовница.

Наџуџињата се сите малечки големи деца во нас кои ги бива за нешто. А нè има и такви кои сме посветени на пишувањето. Баш едно од тие Наџуџиња открива една мала тајна во куќичката. Ја препорачувам за долгите летни денови.

„Циркус“ – Новица Наков (издание на „Светулка“)

Едукативно забавна книга во која еден патувачки циркус ќе ги збуни и подучи и возрасните и децата на најважното – да се биде и остане добар човек и пријател во свет кој станува сè поголем циркус.

„Потрага по храброст“ – Биљана Стојановска (издание на „Светулка“)

Од оваа година ќе биде и лектира за основците. Напишана е од Биљана Стојановска, мојата храбра другарка. Во неа ќе ја најдете ластовичката Верка која ќе се соочи со своите стравови. Прекрасна книга за малите, но и големи јунаци на своите денови.

Фото: Pexels

Три книги за тинејџери

„Да се биде јас“ – Ана Хоглунд (издание на „Чудна шума“)

Беспрекорна приказна со многу отворен и ласцивен, сиров и суров тинејџерски реализам. За девојчињата несигурни во сопствените тела и мисли, за момчињата кои им треба храброст да ги запознаат девојчињата. Мини-прирачник за разбирање на женската иницијација, горливите прашања за промената на телото, емоциите и сексуалноста.

„Приказна од Ѕунливото море“ – Билјана Црвенковска

„Ако сакаш да бидеш вистински морепловец, тогаш треба да ја прочиташ оваа книга. Ален е главен сонувач, но и реален пример за тинејџерските „главоболки“ кога друштвото и врсниците се главно влијание во оформувањето на нашите ставови.“

„Малиот принц“ – Антоан де Сент Егзипери

„Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери e книга за сите генерации. За тинејџерите, отворен повик кон себеси, внатрешните прашања за животот, за осаменоста кога немаме одговори. Затоа што во тие години срцето е нежно и треба да има поддршка – а најубаво е преку книга и преку уметност.

Разговор со Ана Голејшка Џикова: Во свет што е опасен, доброто дете со срце полно љубов ќе успее да направи разлика

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот