Разговор со Ана Голејшка Џикова: Во свет што е опасен, доброто дете со срце полно љубов ќе успее да направи разлика

Ана Голејшка Џикова и нејзинтие сликовници / Фото: Приватна архива

„Емпатијата и солидарноста се број 1 кога е во прашање примарното воспитување. Не само кон луѓето туку и кон животните, средината, домот, заедницата“, вели Ана.

Да се твори за деца е прекрасна, но и одговорна работа. Книжевноста за деца треба да биде забавна за најмладите читатели, но мора да има и едукативна компонента. Разгледувањето на илустрираните сликовници е еден од првите чекори во отворањето нови светогледи низ призмата на детските љубопитни очи.

Една од оние што успешно го прават тоа е и македонската поетеса Ана Голејшка Џикова, чии зборови ги илустрираше илустраторката Ивана НиБа и заедно ги создадоа едни од најсаканите сликовници меѓу детската читателска публика кај нас – „Лепчето што расте“ и „Лисичката плетачка“.

Во Музејот на Град Скопје вечерва, со почеток од 18.30 часот, премиерно ќе биде прикажан краткиот анимиран филм „Лисичката плетачка“, кој е заснован на истоимената сликовница. Најмалите посетители, а и оние што сѐ уште го негуваат детето во себе, ќе имаат одлична можност да присуствуваат на еден топол настан во оваа декемвриска квечерина.

Вечерва ќе го промовирате краткиот анимиран филм „Лисичката плетачка“, заснован на Вашата истоимена сликовница за деца. Како дојдовте до идејата да направите нешто вакво?

– Идејата за анимирано филмче е дамнешна желба да се направи нешто повеќе за децата и сликовницата да добие и анимирана верзија. Примарно, идејата е на илустраторката Иванка НиБа, која сакаше „Лисичката“ да биде екранизирана и да ја пренесеме во дигитален формат за да стигне до поширока публика. Со ова, сите сликовници од Едиција Светулка, ќе добијат ваква форма, преку музика и мелодија да ги доближиме до децата. Дигиталните можности се предност во ова време и ние со драго срце ги ползуваме. Физичкиот примерок на една сликовница е само почетокот од кој тргнуваме да ја „шириме“ приказната преку песна, која ете – почна со „Лисичката плетачка“ како една од најбараните сликовници од едицијата.

Кој сѐ работеше на овој убав проект?

– Во проектот се вклучени прекрасни луѓе уметници. Музиката е дело на Никола Бочваров, а песната ја пее Калина Велковска. Илустрациите се на Иванка НиБа, анимацијата е на Горан Менков, а монтажата е на Сандра Георгиева.

Фото: Промотивен материјал

Заедно со илустраторката Иванка НиБа ги создадовте сликовниците „Лисичката плетачка“ и „Лепчето што расте“, дела што треба да бидат дел од библиотеката на секое дете. Како беше да се соработува со неа?

– Можам најискрено да кажам: соработката ни е и секогаш ни била отворена и лесна ко песна. Со Иванка се разбираме, си дозволуваме да си даваме предлози, да „украсиме“ или да извадиме нешто ако не ни штима во визуелизацијата на текстот и илустрацијата. Она што мене ми беше навистина предизвик, е текстот да биде соодветно прикажан и во илустрациите, а Иванка тоа совршено го долови. Од многумина имам коментари дека „Лисичката плетачка“ и „Лепчето што расте“ допираат и до повозрасните, затоа што во нив има бои и контури како од ретро сликовниците од порано. Идејата за малку „носталгичен“ ефект многу ми беше допадлива и уште кога сликовниците беа во фаза на скицирање и подготовка, уживав да ги доживувам во спој со текстот. На крајот и двете мислам дека сме многу задоволни од резултатот. Вторите изданија на сликовниците кажуваат за нивната бараност.

Зошто токму лисичка што плете и лепче што расте?

– Ова го образложив во еден свој фејсбук-статус и во објавата на „Едиција Светулка“, каде што се дел и моите две книгички. Сѐ потекнува од дома. „Лисичката плетачка“ и „Лепчето што расте“ се всушност омаж и гушкање на карактерите на мајка ми и татко ми. Преплетената грижа преку храна и топлина, се нивниот животен декор.

„Лисичката“ е неприкосновено мајка ми, Лејди Зага, затоа што плете приказни, џемперчиња и капи за Надја, а богами и за мене и сестра ми, додека растевме. Нејзините игли се мека радост за создавање на најшарените шалови на светот. Волницата што ја избира во „Тетекс“, најчесто од брендот „Менада“ е симболот на сета топлина што треба да се зачува за зимите да бидат покриени и безбедни.

„Лепчето што расте“ му припаѓа примарно на татко ми Гоце, човекот што прв ме запозна и ме воведе со радоста и уметноста на месењето, иако никогаш нема да го надминам. Утрата полни со брашно, тегнењето кори на дрвената маса и мирисот на масло, праз, месо или сирење, топла крпа, за трите пити што испаруваат чекајќи, се како парче од неговата душа што е закрила за никој да не е гладен.

Моите детски приказни се нивните несовршени, топли срца. А сега кога се баба и дедо, тоа доаѓа до израз, како добро обликувана кифличка, како совршено исплетена шара на шал. Каде што лисицата не е итрица, туку е добра другарка. Каде што лепчето што расте треба да се подели со другарчињата и со врапчињата и никој да не остане гладен.

Фото: Приватна архива

Какво е чувството да се пишува и твори за деца?

– Магично, одговорно и секогаш полно со изненадувања. Благодарна сум што животот ме одведе на ова патување, затоа што останувам дете во големиот тмурен возрасен свет.

Вие сте мајка на петгодишната Надја. Колку таа ве инспирира во вашето творење?

– Таа е изворот. Пред да дознаам дека сум бремена, ја напишав мојата прва сликовница „Веселата зграда“. Немав поим дека кога ќе станам мајка, дека ќе станам и писателка за деца. Некако тоа не ми беше амбиција, ниту во план. И сега кога сум ѝ мајка на Надја, уживам во нејзиниот светоглед и ум кој постојано ме радува како се развива.  Сите приказни што заедно ги создаваме, се всушност инспирација директно од разговорите со неа. Навистина е прекрасно колку децата се срца на иднината. Тие се основата на светот, а Надја е мојот скок во (не)познатата љубов и надеж за тој свет.

Фото: Приватна архива

Добрина, љубов, пријателство, емпатија, солидарност. Кој е најубавиот начин да им ги пренесеме овие карактеристики на децата?

– Со учење и пренесување, со убаво зборување и посветеност. Со многу љубов. Со галење маалски мачиња и кутриња, со садење дрвца и негување на природата, гушкање на другарчето што плаче. Многу ми е важно децата со кои сум опкружена и со кои директно или индиректно работам (бидејќи правам работилници за деца), да им зборувам за овие работи што ги набројавме, затоа што тоа е клучот за подобро разбирање на себеси и другиот. Во свет кој е опасен и честопати знае да нѐ обесхрабри, доброто дете со срце полно љубов ќе успее да направи разлика. Емпатијата и солидарноста се број 1 кога е во прашање примарното воспитување. Не само кон луѓето туку и кон животните, средината, домот, заедницата. Овие вредности се мојот внатрешен компас и така живеам и така сакам да ги пренесам на ќерка ми и сите деца – затоа и така пишувам.

Кои се книжевните ликови кои Вам ви беа омилени во детството?

– Василиса Прекрасна, затоа што е магична и храбра девојка што ја бара светлината и во најтемното. Адријан Мол, прекрасно смотано момче кое верува дека е интелектуалец, а е смешен сам по себе.  Обожавам храбри и несмасни ликови – во нив се пронаоѓам секогаш.

„Слобода А“ е новата поетска книга на Ана Голејшка Џикова

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот