ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Можеби не се најрозeви, но нашите фламинга се најголеми!
Кое е вашето омилено животно од Зоолошката градина – Скопје? Дали знаете како се вика, колку години има, од која земја потекнува и кога за првпат бил донесен тој вид, таа единка кај нас? Нашата Зоолошка постои од 1926 година и низ годините се развивала просторно, а растел и бројот на животните. Денес при посетата на Зоолошката градина можете да се запознаете со стотици разновидни единки, а секоја од нив крие посебна судбина.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Слободен печат“, низ овој серијал, кој го нарековме „Лична карта на жителите на ЗОО Скопје“, ќе се обиде да ви ги доближи нивните приказни, нивните карактери и чувства. Ќе се обидеме да ви овозможиме да дознаете што јадат и која е нивната омилена храна, ќе дознаете нешто ново и забавно, поврзано со омилените сожители во главниот град.

За време на пандемијата, скопската Зоолошка се збогати со убавите розеви фламинга. Тие се многу специфични птици, кои бараат поинаков третман и со тоа претставуваат вистински предизвик за еден ЗОО-негувател. Посетителите можат да уживаат во глетката од 14 возрасни раскошни птици, како си прават спа-третман на нозете во кал, вели за „Слободен печат“ ЗОО негувателот, Војо Иванов.
– Фламингата имаат многу нежни нозе, тие уживаат постојано да си прават спа-третман. Специјално, за нив одиме и во околината и бараме глина за да им ја овозможиме оваа потреба. Нозете на оваа птица не се направени за да седат на суво. И исто како што и ние луѓето имаме иритација на нозете, се случува и кај нив, кај нас се вика плускавец, а кај нив „бамбл фит“ – вели Иванов.

Ова е вид на розево фламинго и многу често посетителите се изненадени кога ќе видат дека кај нив не доминира розевата боја.
– Најчесто поставувано прашање е зошто не се розеви, туку се повеќе бели. Нашите фламинга се еден од шесте видови, ние ги имаме најголемите, „грејтер“. Тоа се оние птици кои можат да мигрираат во Африка и Европа. За разлика од нив, оние на Карибите се розеви. Нашите не се розеви, но се најголеми – објаснува Иванов.

Тие не се птици коишто сакаат да летаат многу често, но на ветер се возбудуваат и прават мали прелети и овде во нивниот дом. Нашата камера долови еден таков симпатичен ефект.
Целото видео погледнете го во продолжение:


