Владата ќе доделува по 50.000 литри дневно вода преку различни пунктови во Гостивар
Владата донесе одлука интервентно да обезбеди од денес и во наредните неколку дена по 50.000 литри бесплатна вода дневно за пиење за граѓаните на Гостивар, со цел да се обезбедат основните потреби на населението додека траат мерките и препораките на надлежните институции.
Препорачано
Дистрибуцијата на водата ќе се реализира прелу Службата за општи и заеднички работи на Владата преку следните пунктови:
– Водостопанство – Гостивар, ул. ЈНА бр. 139
– Градинка „Пролет“, ул. Беличица бр. 47
– СЕОУ – Гостивар (Средно економско училиште), ул. Живко Брајковски бр. 39
– ЈП Национални шуми – Подружница „Шар“ Гостивар, ул. Браќа Ѓиноски бр. 165
– АД ЕСМ – Подружница кај гаражите (питарница), ул. Илинденска
– Општа болница „Ферид Мурад“ – паркинг, ул. Чеде Филиповски бр. 29
– Територијална противпожарна единица – Гостивар, ул. Беличица бр. 35
Истовремено, како што наведуваат од Владата, сите надлежни институции продолжуваат со интензивните контроли, анализи и истражни дејствија за утврдување на причините за настанатата состојба.
„Очекуваме целосно расчистување на случајот, а секој што ќе има утврдена одговорност ќе сноси одговорност согласно закон. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат препораките на надлежните институции и информациите да ги следат исклучиво преку официјалните канали, со цел навремено и точно информирање“, соопштија од Владата.
Приоритет на Владата, посочуваат оттаму, останува заштитата на здравјето на граѓаните, брзата институционална реакција и целосното надминување на состојбата, а Владата ќе продолжи да презема сè што е потребно за обезбедување поддршка на граѓаните сè до нормализирање на состојбата.
Драган Кочински, раководител на одделот Епидемиологија на заразни заболувања, при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), рече дека до денес се пријавени вкупно 140 заболени луѓе на пријава за заразна болест кои делумно се анкетирани, а дел се анкетираат во моментот од епидемиолози од Гостивар и ИЈЗ.
„Ние сме во комуникација со ЦЈЗ Тетово и во текот на денешниот ден ќе донесе соодветна одлука за пријавување епидемија на заразна болест. Мерките за контрола и превенција цело време се спроведуваат од сите надлежни институции, а пријавување на епидемија би значело подобра комуникација и координација на сите чинители – истакна докторот Кочински.
Кочински: Ќе биде прогласена епидемија на заразна болест на подрачјето на Гостивар
Институтот во текот на вчерашниот ден даде препораки за населението за користење на водата и превенција на заболувања кои се пренесуваат преку вода.
Инаку, како што потсетија оттаму, надлежните органи ја забранија употребата на водата до добивање на резултатите.
На 17 овој месец, по појавата на зголемен број граѓани, кои изминативе десетина дена се жалеа на стомачни тегоби, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) побара да се спроведат вонредни контроли на водата за пиење, која се дистрибуира во градскиот водовод.
ВИДЕО | Водата во Гостивар е кафена, експертите велат дека е направено свесно кривично дело


