ВИДЕО | Водата во Гостивар е кафена, експертите велат дека е направено свесно кривично дело
Агенцијата за храна и ветеринарство забрани да се пие и да се употребува водата од водоводниот систем во Гостивар, откако невообичаено голем број граѓани, поточно 1.200 на број, за 4 дена побарале медицинска помош во гостиварската болница „Д-р Ферид Мурад“ со симптоми на дијареја и повраќање. Причинителот на епидемијата не е утврден официјално, но полицијата и Обвинителството истражуваат дали тоа што Градот Гостивар заедно со ЈП „Водовод“ на диво поставиле три пумпи во Вардар и ги поврзале со главниот цевковод што го напојува градот, всушност е причинител за оваа состојба.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Експертите со кои разговараше „Слободен печат“ велат дека доколку три пумпи се поврзани на диво со главниот цевковод, тогаш контаминирани се целата примарна водоводна мрежа, заедно со секундарната – чешми, славини, бојлери на луѓето што живеат во Гостивар. На социјалните мрежи фотографиите и видеоматеријалите од моменталната состојба на водата прикажуваат нејзина заматеност и промена на бојата во кафена.
– Доколку имало пумпи во Вардар и директно преку тие пумпи вбризгувале вода во водоснабдителниот систем, тоа е многу страшно и носи кривична одговорност. Ако имате таков систем, тогаш водата мора да има претходен третман и претходно да биде прочистена, не може директно да се вбризга во водоснабдителниот систем на градот, туку мора да има претходен третман од хемиски и бактериолошки аспект. Ми е страв дека ова може да се прошири на поголем број луѓе, бидејќи голема е веројатноста да се контаминирани самиот цевковод – главната примарна мрежа, но и секундарната мрежа, како чешми, славини и бојлери. Потенцијално има ризик да се појави и проблем со кожата и очите на луѓето ако загадувањето е од повисок степен. Ова е страшно и е направено свесно, во најмала рака директорот на Јавното претпријатие одговорно за водоснабдувањето во градот го знаел ова и ова е кривична одговорност – изјави за „Слободен печат“ инженерот Дејан Димовски, вработен во ЈП Водовод Скопје 21 година и советник од партијата „Левица“.

Од МВР велат дека вчера по насока на јавен обвинител во селото Вруток постапиле поради сомневање за загадување на водата со која се снабдува градот Гостивар.
-Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот. Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик – информираа од МВР.
Од болницата „Д-р Ферид Мурад“ ситуацијата ја нарекоа епидемија, алармирајќи дека последните 3-4 дена имале 1.200 пациенти на кои им била пружена лекарска помош.
-Ве известуваме дека поголемиот број на пациентите се со исти симптоми како повраќање, дијареја, болки во желудникот, температура, омалаксаност итн. Најголем број на пациентите со овие симптоми се на инфективното одделение, детското одделение и во ургентната единица. За овие денови во ЈЗУ Општа Болница ‘„Д-р Ферид Мурад“ Гостивар, со овие симптоми се пријавени околу 1000-1200 пациенти. На сите пациенти им е дадена медицинска помош, односно соодветна терапија. Ова известување го праќаме заради тоа што овој број на пациенти е надвор од редовните бројки на пациентите во нашата установа – вели за „Слободен печат“ директорот на болницата доктор Емри Бајрами.
Во расчистувањето на овој случај, покрај полицијата и Обвинителството, веднаш се вклучија и Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран вештак кој треба да изврши стручна процена на незаконски поставениот систем.
Според информации на „Слободен печат“, кога екипа на Институтот за јавно здравје отишла да собере мостри од водата на неколку локации по наредба на јавен обвинител, вработените во ИЈЗ се соочиле со притисок и не им било дозволено да ги земат мострите од страна на група луѓе што се собрала да ги попречува во службената должност.
Вработените биле испратени да постапуваат по налог на јавен обвинител. Мострите биле земени и ставени во машини во ИЈЗ Скопје дури во четири часот ноќеска, поради ова одолговлекување. Вознемирени вработени плачеле утринава во ИЈЗ по бурната ноќ на терен. Микробиолошкото вештачење на мострите од водата се очекува да биде готово за 48 часа, а физичко-хемиското до утре.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издеде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека е загадена и небезбедна за употреба.
– По добиено известување од јавен обвинител од ОЈО Гостивар за спроведување вонреден инспекциски надзор на пречистителна станица за вода во село Вруток, општина Гостивар, за испитување на безбедноста и квалитетот на водата за пиење во овој водоснабдителен систем, добиени се поплаки од граѓани до ОЈО Гостивар и пријава од МВР Гостивар во однос на безбедноста и квалитетот на водата за пиење, инспекциски служби на АХВ, со претставници на Министерството за животна средина, ОЈО Гостивар и крим-техника – МВР Гостивар, вчеравечер спроведоа вонреден инспекциски надзор. Со надзорот утврдено е дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение, поставена е пумпа, која директно вшприцува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем. Од страна на стручни лица на Институтот за јавно здравје, кои биле присутни на надзорот, земени се мостри од водата за лабораториско тестирање со цел утврдување на нејзината безбедност – информира АХВ.
За да се спречи поголема опасност за населението од овој регион, АХВ издаде привремена забрана за употреба на водата за пиење сè до добивање на резултатите од лабораторското тестирање, со кое ќе се потврди нејзината безбедност.


