111 Седница на Собрание на Р.Македонија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
111 Седница на Собрание на Р.Македонија - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Власта „спасува“ закони да не заглават по блокадата на ДУИ на законот за правична застапеност

Владејачкото мнозинство со нова стратегија ќе ги одглавува законите кои редоследно се после законот за правична застапеност, односно ќе ги повлече од 111-та седница и ќе ги стави на нова седница в понеделник.

Законот за правична застапеност можно е да остане заглавен во Собранието откако опозициските партии од албанскиот блок со процедурални забелешки инисистираат претседателот на Собранието Африм Гаши да закаже час и датум за гласање, за тој да не помине.

Цел на опозицијата е законот да биде ставен на гласање и тој да не помине бидејќи власта нема  бадентерово мнозинство. Владејачкото мнозинство пак, со нова стратегија ќе ги одглавува законите кои редоследно се после законот за правична застапеност, односно ќе ги повлече од 111-та седница и ќе ги стави на нова седница в понеделник.
Собраниското надмудрување меѓу власта и опозицијата продолжува, а можниот епилог е законот за правична застапеност никогаш да не дојде за гласање.

Тоа ќе значи дека власта ќе ги повлече од 111 -та седница – завршната сметка на буџетот, законите за студентски стандард, за квалитет во високото образование, за научноистражувачка дејност, за автокампови и за енергетика. Тие закони ќе бидат ставени на нова седница која најверојатно Гаши ќе ја закаже за в понеделник.

Откако албанските опозициски партии вчера прогласија победа, бидејќи ја закочија собраниската седница на законот за правична застапеност, неизвесно е кои ќе бидат нивните следни чекори. Од друга страна неизвесно е дали пак, албанската владејачка партија Вреди ќе направи обид законот за правична застапеност да помине или ќе се „вади“ дека него го кочи опозицијата.

Потпретседателот на ДУИ Бујар Османи преку Фејсбук ѝ честита на пратеничката група дека не дозволила законот да помине.
„Едно е јасно: кој има Бадентер, има легитимитет. Им честитам на пратениците на албанските политички партии во опозицијата: Тоа докажа кој има легитимитет. Кои го попречуваат усвојувањето на еден од најантиалбанските закони предложени од која било влада во последните 25 години, односно Законот за правично претставување“, напиша Османи.
Партијата соопшти дека Вреди нема бадентерово мнозинство за да го донесе законот.
-Вреди влезе во Владата како губитник на изборите. Наместо да ја штитат волјата на Албанците, тие се согласија да станат патерици на влада без етнички легитимитет, поклонувајќи се на секое барање на своите партнери. Повеќе од две години го подготвуваа законот за правична застапеност претставувајќи го како историска победа за Албанците. Денес се докажа дека не е закон на Албанците, туку законот на Каракамишева затоа што Албанците не само што не гласаа за него, туку и ја блокираа постапката за негово донесување – велат од ДУИ.
Од партијата додаваат дека откако власта ги отфрлаила сите амандмани на албанската опозиција, одлучиле да донесат закон, без етнички квоти, без институционални механизми, закон кој не гарантира фер застапеност, туку  создава илузија.
-Иронијата е што дури и овој измислен закон не успеваат да го донесат. Тие го немаат неопходното бадентерово мнозинство во Собранието, што јасно покажува кого гласаа и избраа Албанците на изборите во 2024 година, на кого му верувале и кои ја злоупотребиле таа доверба. ДУИ денес го блокираше овој обид за легализација на кршењето на правата на Албанците и ќе го блокира секој пат кога ќе се обиде дискриминацијата да биде спакувана како закон и негирање на правата- велат од ДУИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот