Бидејќи Општината и Градот немаат капацитет, Министерството за транспорт ќе го санира патот кон Теферич
Николоски соопшти дека оваа одлука била донесена на владина седница, а со неа, Министерството го презема целиот проект, и додаде дека очекува во наредната недела да биде распишан тендер за избор на изведувач кој ќе го реализира проектот за санирање на патот кон Теферич.
Министерот за транспорт и врски Александар Николоски денеска соопшти дека Министерството ќе ја преземе обврската и ќе го санира пропаднатиот пат во Теферич, објаснувајќи дека Општина Кисела Вода и Град Скопје немаат капацитет да решат едно вакво сериозно свлечиште и проблематиката е далеку од нивните можности.
Препорачано
-Патот за Теферич е еден голем, исклучително сериозен проблем, имајќи предвид дека се работи за сериозно свлечиште. Проблематиката е далеку поголема од можностите и капацитетите коишто ги имаат Општина Кисела Вода и Град Скопје – информираше министерот.
Опасно се шири свлечиштето кај Теферич, експертите ѝ наложиле на Општината итно да реагира
Тој соопшти дека оваа одлука била донесена на владина седница, а со неа, Министерството го презема целиот проект и Николовски додаде дека очекува во наредната недела да биде распишан тендер за избор на изведувач кој ќе го реализира проектот за санирање на патот кон Теферич.
-На седница на Влада донесовме одлука со којашто целокупниот проект го презема Министерството за транспорт и врски. Веќе имаме изработено проект за стабилизација и санација и очекувам во најскоро можно време, а тоа е непосредно следната недела, да се распише тендер за избор на изведувач“, рече Николоски.
ВИДЕО | Свлечиштето кај Теферич сè повеќе се проширува, патот е буквално преполовен
Ова е можеби првата конкретна мерка која ја преземаат властите откако патот распука во февруари, а потоа дополнително се оштети во март, за денеска местото да изгледа застрашувачки, а единственото нешто што успеа Општината да го направи во врска со овој проблем е да натрупа земја и сено со што се обиде да го запре сообраќајот по овој исклучително опасен коловоз.

Последно кога „Слободен печат“ беше на терен, свлечиштето беше повторно засилено, а според Извештајот и мислењето на Градежниот факултет, свлекувањето на оваа локација е агресивно и има нагон да се проширува, како што и можеме да видиме изминативе неколку месеци.
Патот распука само пет месеци откако беше саниран кон крајот на септември 2025 година, кога беше поставен нов тенок слој асфалт, со што очигледно само естетски се прикри сериозната опасност, а оттогаш до денес, од Општината не сакаат ни да се спомне кој бил последниот изведувач, проектант и фирма надзор на проектот за реконструкција на улицата и ниту еднаш не одговорија на прашањата на „Слободен печат“.
Додека Општината бара трајно решение за Теферич, жителите се „отцепени“ од градот
Освен за медиумите, од локалната самоуправа со месеци не одговараат ниту на прашањата на дел од опозициските советници во Советот на Кисела Вода, кои со месеци ги исцрпуваат сите можности за да ги дознаат одговорите на овие прашања кои ги засегаат сите граѓани, а особено жителите на Кисела Вода.


