„Комунална хигиена“ - Скопје, фото: Google maps

„Комунална хигиена“ со 113 неисправни возила тоне во долгови, а трошела милиони за вработувања преку приватна агенција

Ревизијата покажала дека околу 60 отсто од специјалните комунални возила не се во функција. Од вкупно 189 возила, исправни се само 76, додека 80 се неисправни, а 33 се хаварисани. Просечната старост на возниот парк изнесува 15 години, што, според ревизорите, значително ја намалува способноста на претпријатието за ефикасно да го одржува градот чист.

Долгови, нерационално управување со залихите, дотраен и расипан возен парк и нерешена сопственост за дел од имотот се пропустите кои Државниот завод за ревизија ги утврдил при „чешлањето“ на работата на ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ за 2024 година.

Започната постапка за набавка на повеќе од 40 нови возила за „Комунална хигиена“

Според ревизорскиот извештај, претпријатието се соочува со голем износ на побарувања чија наплата е неизвесна, нерационално управува со залихите, има намалена ликвидност, како и сериозни проблеми со возниот парк.

Ревизијата покажала дека околу 60 отсто од специјалните комунални возила не се во функција. Од вкупно 189 возила, исправни се само 76, додека 80 се неисправни, а 33 се хаварисани. Просечната старост на возниот парк изнесува 15 години, што, според ревизорите, значително ја намалува способноста на претпријатието за ефикасно да ја работи својата работа и да го одржува градот чист.

„Комунална“ едвај го собира отпадот низ Скопје, а Управниот одбор одбил набавка на нови возила

Во однос на евиденцијата на недвижнини и опрема, ревизорите утврдиле дека претпријатието не обезбедило право на сопственост за дел од имотот, а не е евидентирана ниту опрема во вредност од над 29 милиони денари.

Дополнително, околу 127 милиони денари побарувања имаат значително намалена или неизвесна наплатливост, а дури 40 проценти од резервните делови на залиха се набавени уште во 2009 година и денес немаат реална употребна вредност.

Ревизорите откриле и дека поради немање согласност за годишните планови за вработување, претпријатието во текот на 2024 година преку приватна агенција ангажирало 354 луѓе, на кои им биле исплатени околу 185.7 милиони денари, или нешто над три милиони евра.

Наскоро отпадот од Скопје ќе се собира во две претоварни станици, а потоа ќе се носи во „Дрисла“

„Комунална хигиена-Скопје“ работи со загуба, има намалена ликвидност, а обврските достигнуваат речиси 737 милиони денари, или речиси 12 милиони евра, со што поради доцнењето во плаќањето кон добавувачите се создаваат дополнителни трошоци за камати и казни кои дополнително ја влошуваат финансиската состојба, велат од ДЗР.

Во препораките на Државниот завод за ревизија се наведува дека претпријатието треба итно да преземе мерки за надминување на утврдените слабости, да изработи стратегија за модернизација на возниот парк и да направи систем за континуирано следење на техничката исправност и економската оправданост на неговото одржување.

Во однос на возниот парк на претпријатието, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кон крајот на јануари информираше дека е започната јавна набавка за 40 специјализирани возила за собирање на отпад.

Тој последно соопшти дека постапката ја водат Министерството за транспорт и врски и Светска банка и дека веќе е завршен рокот за поднесување жалби, со што очекува за брзо да биде решен проблемот со дефицитот на возила.

-Пред четири дена информиравме дека постапката од Министерството за транспорт и Светската банка за набавка на 40 специјализирани камиони за ѓубре, веќе е завршен рокот за жалби и сега е во фаза на рок на испорака, со што верувам дека за брзо време ќе се реши овој проблем – информираше градоначалникот пред еден месец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот