Фото: Принтскрин / Икс/@nabilajamal_

ВИДЕО | Америка продолжи со нападите врз Иран — Техеран погоди два танкери со ракети, загина морнар

Еден индиски член на екипажот загинал, а осуммина други биле повредени кога два емиратски танкери со нафта биле погодени од ирански крстосувачки ракети во Ормускиот Теснец, објави „Ројтерс“.

Министерството за одбрана на Обединетите Арапски Емирати утрово соопшти дека танкерите „Момбаса“ и „Ал Бахија“ биле цел на напад во јужниот дел од теснецот, додека се наоѓале во територијалните води на Оман.

Загинатиот член на екипажот бил на бродот „Момбаса“, наведоа властите.

Од осумте повредени, четворица се здобиле со тешки повреди.

Шестмина од повредените се индиски државјани, а двајца се украински државјани, соопшти министерството.

Нападите предизвикале материјална штета на двата танкера откако на нив избувнале пожари. Министерството соопшти дека пожарите биле ставени под контрола.

Властите го осудија, како што го нарекоа, „отворен напад“ и порачаа дека ОАЕ го задржуваат „целосното право да одговорат на оваа ескалација“.

Иранската Револуционерна гарда (ИРГЦ соопшти дека два „непријателски“ супертанкери биле погодени и онеспособени во Ормускиот Теснец, откако ги игнорирале повеќекратните предупредувања, ги исклучиле навигациските системи и се обиделе да поминат низ, како што тврдеше гардата, миниран коридор.

Во соопштението на ИРГЦ не се наведени имињата на бродовите, ниту е потврдено дали станува збор за истите танкери што ги спомена Министерството за одбрана на ОАЕ.

Иранската гарда ги обвини САД дека „ги поттикнуваат бродовите да користат нелегален коридор“ и порача дека соработката со „агресорскиот непријател“ ќе доведе само до штети, одложување на повторното отворање на Ормускиот Теснец и глобална енергетска криза.

Најновите инциденти во овој воден пат се случуваат по неколкунеделни зголемени тензии откако војната започна на 28 февруари, кога САД и Израел започнаа напади врз Иран.

Американската војска синоќа изврши трета последователна ноќ на напади врз Иран, додека претседателот Доналд Трамп повторно воведе блокада на иранскиот поморски сообраќај и предложи воведување такса од 20 отсто за обезбедување на Ормускиот Теснец.

Врховната иранска воена команда соопшти дека САД немаат улога во одредувањето на иднината на теснецот и дека нема да им биде дозволено да интервенираат.

Иранците погодија брод и го затворија Ормускиот Теснец — САД возвратија со удар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот