Дубаи има голем план за да го заобиколи Ормускиот Теснец
„ДП Ворлд“, државна компанија со индиректно 100 отсто сопственост на владата на Дубаи, планира да изгради ново пристаниште и контејнерски терминал на Источниот брег на Обединетите Арапски Емирати, што би ја намалило зависноста на Дубаи од неговиот главен транспортен центар Џебел Али и би го заобиколило стратешки важниот Ормуски Теснец, пишува „Фајненшл тајмс“.
Препорачано
Операторот на пристаништето со седиште во Дубаи преговара за развој на сосема ново повеќенаменско пристаниште на крајбрежната област Фуџаира и нов терминал на постоечко пристаниште во истиот емират. Овој потег претставува огромен пресврт за Дубаи, кој се етаблираше како глобален трговски и финансиски центар благодарение на растот на пристаништето Џебел Али, .
Плановите на „ДП Ворлд“ се дел од поширока иницијатива на владата на ОАЕ за заштита на својата економија од можни идни конфликти со Иран преку намалување на зависноста од теснецот, каде што превозот е значително нарушен од иранските напади со беспилотни летала и ракети по нападите на САД и Израел. Новиот проект би го зајакнал присуството на „ДП Ворлд“ во Оманскиот Залив и би им овозможил на контејнерите да влегуваат и излегуваат од земјата без да минуваат низ теснецот пред да бидат транспортирани со камиони до Дубаи, Абу Даби и соседните земји од Персискиот Залив.
Од почетокот на војната кон крајот на февруари, Иран испали речиси 3.000 беспилотни летала и ракети кон ОАЕ, а на почетокот на конфликтот избувна пожар во пристаништето Џебел Али, за кој властите рекоа дека е предизвикан од остатоци од ракета откако била пресретната.
Активноста во Џебел Али, најголемото пристаниште за контејнери во регионот, се намали за 90 до 95 проценти откако Иран го затвори теснецот како одговор на нападите на САД и Израел, поттикнувајќи го операторот на пристаништето да бара алтернативи за водниот пат, велат извори запознаени со ова прашање.
Војната со Иран беше уште еден удар за групата, која само неколку недели пред почетокот на конфликтот го отстрани долгогодишниот претседател и главен извршен директор Султан Ахмед бин Сулајем поради неговите врски со педофилот Џефри Епстин.
„ДП Ворлд“ моментно ги дискутира условите на договорот со владини претставници, а структурата и финансирањето на новиот проект сè уште не се дефинирани. Според висок функционер на компанијата, новото пристаниште би можело да биде завршено за само година и пол.
Компанијата за „Фајненшл тајмс“ одбила да потврди детали за проектите на источниот брег, но рекла дека „постојат планови за диверзификација за да се надмине ова нарушување“.
„Имаме свој план и во „ДП Ворлд“ многу активно ги разгледуваме можностите на Источниот брег. Тоа е одбранбен потег во случај работите да тргнат наопаку“. „ДП Ворлд“ првично би инвестирал стотици милиони долари во развој на нов капацитет, но таа сума би можела да се зголеми со текот на времето во зависност од потребниот дополнителен капацитет“, истакнала компанијата.
Пристаништето Џебел Али, кое минатата година обработуваше 15,6 милиони контејнери, одигра клучна улога во позиционирањето на Дубаи како глобален логистички и реекспортен центар, но поради својата локација, пристаништето зависи од тесниот воден пат помеѓу Иран и Оман.
Од почетокот на војната, компанијата веќе се потпира на капацитетот на Источниот брег, пренасочувајќи го товарот кон пристаништата Фуџаира и блискиот Хор Факан, кои затоа се под голем притисок. Во меѓувреме, конкуренцијата се шири – „Галфтејнер“ со седиште во Шарџа претходно овој месец објави инвестиција од 2 милијарди долари за зголемување на капацитетот во Хор Факан, исто така на Источниот брег.


