ВИДЕО | СДСМ реагира по непријатните и тензични сцени во Собранието, бара извинување од Мицкоски и Стоилковиќ
Пратеничката група на СДСМ остро реагираше на денешните тензии на собраниската седница за реконструкција на Владата меѓу довчерашниот министер Иван Стоиљковиќ и парламентарците од опозициската партија. Тие го обвинуваат Стоилковиќ дека со недолични зборови и изрази ги навредувал. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, побара реакција од спикерот Гаши за, како што рече, однесувањето на Стоилковиќ, кој повторно е кандидат за министер, но и на премиерот Христијан Мицкоски, кој се вклучи во конфронтацијата.
Препорачано
Премиерот од собраниската говорница го нарече пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи „фрустриран, мизогин лик“ и го обвини дека „најчесто својата етничка припадност ја користи за да ги покрие своите слабости“, откако Битиќи ја критикуваше работата на Мицкоски и на Владата. Тој рече дека нема никакви економски резултати, дека процесот на евроинтеграции е закочен, а Владата не прави ништо по тоа прашање, како и дека во земјава владее „авторитарен режим“.
„Човек кој што е полн со фрустрации и има мизогини карактери собини, љубител е на грантови семејни најчесто, самопрогласен експерт којшто зад себе остави катастрофа, не заслужува внимание никакво од претседател на Влада. Но, бидејќи кажа неколку работи коишто немаат никаква врска со реалноста, дури и овој фрустриран, мизогин лик во политиката единствено ќе остане препознат по тоа што најчесто својата етничка припадност ја користи за да ги покрие своите слабости, одлучив еве да му посветам неколку секунди и да му дадам неколку одговори на прашањата. Првото што го спомна е дека ова било авторитарен режим. Авторитарен режим, ќе ви посведочат некои од вашите колеги од ВМРО-ДПМНЕ, значи кога дома во 3 часот им влегуваат полициски единици, наоружани до заби и пред децата и пред нивните брачни другари ги приведуваат, па ги ослободуваат и така натаму. Тоа е режим. Режим не дозволува она што вие го правите на отворена сцена денеска, туку напротив, демократска влада којашто заслужува почит“, одговори Мицкоски.
На ова, меѓу другото, реагираа Спасовски и пратениците на СДСМ, а нивната реакција ја пренесуваме во целост:
„Оваа прес-конференција ја свикавме во вонредни околности, затоа што она што се случи на седницата на Собранието е вон сите демократски критериуми, особено што доаѓа од страна на претседател на Владата и на кандидат за министер.
Целата македонска јавност беше сведок на една огромна нервоза во моментите кога се разговара за дебаклот и за неуспесите во двете години на извршната власт.
Клучно правило во демократијата е да ги чуете сите критики, сите слабости и од тоа да извлечете поука и, веројатно, да се подобрите.
Меѓутоа, демократијата во Македонија се сфаќа на еден поинаков начин. Мислите дека ќе постигнете подобри резултати ако ги нападнете оние што укажуваат на слабостите во македонското општество.
Навредите што денеска беа упатени кон двајца пратеници на Социјалдемократскиот сојуз, заменик-координаторот Фатмир Битиќи и пратеникот Митко Трајчулески, кои говореа за состојбите и за изборот на Владата, не се напад што се случува првпат.
Меѓутоа, тоа претставува говор на омраза кој сигурно може да роди насилство. А тоа што следеше по прекинувањето на седницата беше вистински напад, не само вербален, од страна на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој се нафрли врз двајцата пратеници не само вербално, туку и со пцовки.
Мислам дека тоа не доликува на кандидат за министер, кој треба ова Собрание да го избере.
Ниту случувањата во овие две години, ниту лошата економска состојба, ниту катастрофите во земјоделството, ниту лошите социјални политики, ниту стопирањето на европскиот пат не може да се анулираат преку напади кон опозицијата, ниту, пак, преку напади кон пратениците.
Особено ме загрижува молчењето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој немаше ниту една реакција, а беше должен да реагира затоа што претседава со седницата, затоа што тоа што беше кажано не е во рамките на нормите на Деловникот и затоа што Собранието
едногласно донесе Етички кодекс, со кој се пофалија, или ако сакате, се пофаливме сите ние.
Меѓутоа, тој не може да важи само за пратениците во Собранието. Тој треба уште повеќе да важи за гостите во овој законодавен дом, а тоа се претседателот на Владата, членовите на Владата и сите оние што ги избира Собранието.
Тие еднаш засекогаш мора да запаметат дека мора да бидат одговорни пред оние што ги избираат, односно на тој начин да покажат дека се одговорни пред граѓаните, бидејќи пратеникот е претставник на граѓаните.
Затоа апелирам и барам извинување, затоа што никој апсолутно не заслужува да биде навреден, на никого да му се упатуваат закани и на никого да му се упатуваат пцовки.
Тоа како реакција го бараме од страна на претседателот на Собранието, за да покаже дека е прв меѓу еднаквите“, рече Спасовски.
Собранието разреши осум министри, Стоилковиќ доби најмногу гласови за да замине од функцијата


