Урнатата настрешница во Нови Сад / Foto: EPA-EFE/MARKO KAROVIC

Потврдено е обвинението против поранешниот српски министер Горан Весиќ за трагедијата во Нови Сад

Апелацискиот суд во Нови Сад денеска го потврди обвинението против поранешниот српски министер за транспорт Горан Весиќ и уште петмина во врска со падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 луѓе, објавија српските медиуми.

Со одлуката е поништено решението на Вишиот суд од 24 декември 2025 година, со кое беше запрена постапката против дел од обвинетите, а е потврдено обвинението поднесено од Вишото јавно обвинителство.

Покрај Весиќ, обвинението е потврдено и за неговата поранешна помошничка Анита Димоски, поранешната директорка на „Инфраструктура Железнице Србије“ Јелена Танасковиќ, како и за Милан Спремиќ, Марина Гавриловиќ и Дејан Тодоровиќ.

Апелацискиот суд ги отфрли како неосновани жалбите на обвинетите, со што се создадени услови за почеток на судскиот процес во еден од најголемите случаи поврзани со јавната безбедност во Србија во последните години.

Исто така, судот ги одби жалбите на Небојша Шурлан, Слободан Наумовиќ, Милан Јелкиќ, Љиљана Милиќ Марковиќ, Јасна Стојиљковиќ Милиќ, Зорица Славковиќ Марјановиќ и Душан Јанковиќ, кои се обвинети за кривични дела поврзани со загрозување на јавната безбедност и неправилности при изведување на градежните работи.

Трагедијата, во која животот го загубија 16 лица, предизвика масовни антивладини протести низ Србија. Демонстрантите бараа утврдување одговорност за наводни пропусти и корупција при реализацијата на инфраструктурни проекти.

Со најновата одлука на Апелацискиот суд се отстранети процесните пречки за почеток на судењето, кое сè уште не е закажано.

 

Власта на Вучиќ сака да ја затвори истрагата за трагедијата во Нови Сад?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот