Данела Арсовска е осудена за клевета, треба да му плаќа отштета на Орце Тодоровски од ВМРО-ДПМНЕ
Основниот граѓански суд Скопје по четиригодишно судење донесе пресуда со која делумно го усвои тужбеното барање од Орце Тодоровски, поранешен висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен помошник-генерален директор во МРТВ, против поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, и Град Скопје, за клевета и навреда.
Препорачано
Судот утврдил дека на прес-конференција одржана на 6 декември 2022 година, Арсовска изнела невистинити тврдења со кои им нанела штета на угледот и честа на Тодоровски. Изјавите се однесувале на наводна набавка на 150 автобуси за градскиот превоз во Скопје од Унгарија и тврдења дека Тодоровски посредувал за наводна исплата на провизија.
Судот оцени дека со ваквите изјави е сторена клевета, поради што Арсовска е задолжена да му исплати на Тодоровски 100.000 денари како надомест на нематеријална штета.
Со пресудата, Арсовска е задолжена и јавно да ја објави изреката од пресудата на сопствен трошок во два дневни весници, како и во иднина да се воздржи од изнесување исти или слични невистинити и навредливи тврдења.
Одговорност судот утврдил и за Град Скопје, кој солидарно со Арсовска ќе треба да ја надомести штетата и да ја објави изреката од пресудата во согласност со судската одлука. Воедно, судот му ги досуди на тужителот и 16.457 денари за трошоците на постапката, додека останатиот дел од тужбеното барање е одбиен како неоснован.
Странките имаат право да се жалат на пресудата во законски предвидениот рок.


