Девојче со телефон / Фото: Jelena Vujic / Alamy / Alamy / Profimedia

ЕУ прави чекор кон можна забрана на социјалните мрежи за деца

Дали на децата треба да им се забрани пристап до сите социјални мрежи или не? Ова е големо прашање пред Европската Унија, која се стреми да ги заштити малолетниците од штетна содржина. За да ѝ помогне на Европската Унија да одговори на тоа прашање, експертски панел, кој ќе вклучува лекари, академици, претставници на младите и родители, ќе ги презентира своите препораки, објави Европската комисија.

Минатата година, Грција, Франција и Шпанија поведоа иницијатива за ограничување на пристапот на малолетниците до социјалните медиуми, а притисокот врз извршната власт на ЕУ се засили за воведување забрана на ниво на целата Унија, како онаа што ја воведе Австралија во декември.

Како одговор, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го задолжи панелот да изработи препораки засновани на докази за тоа како 27-члената Европска Унија треба да се справи со проблемот.

Таа го поддржува ограничувањето на пристапот на децата до социјалните медиуми и претходно наговести за можноста за забрана, а во мај изјави дека се очекува законски предлог ова лето. Двајца европски претставници изјавија за АФП дека очекуваат Брисел да презентира предлог за возрасната граница, но додадоа дека конечните одлуки сè уште не се донесени.

ЕУ одби да коментира дали фон дер Лајен ќе објави целосна забрана.

„Ги истражуваме можностите за побезбедно пристапување на малолетниците на интернет. Може и мора да се направи повеќе“, рече портпаролот.

Заедно со препораките на панелот, ЕУ го засили притисокот врз платформите на социјалните медиуми да направат промени, повикувајќи ги Фејсбук и Инстаграм во петокот да ги отстранат функциите што создаваат зависност, по сличното предупредување како и на ТикТок во февруари.

Експертскиот панел се состана три пати во текот на 2026 година, а последниот состанок се одржа во јуни. Членовите на панелот не сакаа да откријат што би препорачале, но судејќи според германската верзија, тие нема да се залагаат за целосна забрана.

Германските експерти, вклучувајќи го и копретседателот на панелот на ЕУ, минатиот месец предложија две опции: законски дефинирана минимална возраст од 13 години – што многу платформи веќе ја имаат – или ограничувања на индивидуалните услуги и функции. ЕУ би можела да го ограничи пристапот до социјалните мрежи врз основа на ризиците што ги носи одредена платформа, таргетирајќи апликации со „злонамерен дизајн“.

Еден од проблемите за ЕУ ​​е како да се избегнат различни возрасни ограничувања во 27-те земји-членки. На пример, Шпанија сака да го забрани пристапот до социјалните мрежи за лица под 16 години, додека Франција предлага забрана за деца на возраст од 15 години и помлади. Исто така, постојат земји-членки на ЕУ, како што е Естонија, кои се спротивставуваат на забраната.

ДВ: Германија ги забранува социјалните мрежи за деца под 13 години?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот