Поранешен член на ФИФА ја повика УЕФА на радикален чекор: „Инфантино мисли дека само Бог е над него“
Поранешниот член на ФИФА и швајцарски експерт за кривично право Марк Пит испрати остри критики на адреса на претседателот на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино, оценувајќи дека неговото влијание во организацијата е преголемо.
Препорачано
Во изјава за германскиот „Тагесшпигел“, 73-годишниот Пит истакна дека јавните критики немаат ефект доколку не се преземат конкретни чекори, притоа посочувајќи дека клучната улога за промени ја има УЕФА.
„Ништо не се случува без Европа. УЕФА треба да ја искористи својата моќ, да заземе цврст став повикувајќи се на антимонополските закони и едноставно да каже: Ја напуштаме ФИФА“, изјави Пит.
Сепак, тој смета дека европските национални сојузи во моментов не се доволно обединети ниту подготвени за заедничка акција.
Пит од 2011 до 2013 година ја предводеше независната комисија на ФИФА за демократизација во периодот кога претседател на организацијата беше Сеп Блатер, а во својата изјава направи и споредба меѓу поранешниот и актуелниот прв човек на светскиот фудбал.
„Инфантино системот на Сеп Блатер го доведе до совршенство, воден исклучиво од желбата за пари и моќ. Инфантино верува дека над него е само Бог, а во рамките на ФИФА тоа навистина е така“, порача Пит.
Родри: „Франција е меѓу најдобрите, но и Шпанија е во одлична форма – можеме да ги победиме“
Аргентина ќе игра во темно син дрес против Англија, потсетник на славната 1986 година


