фото: EPA-EFE/MOHAMMED BADRA

Родри: „Франција е меѓу најдобрите, но и Шпанија е во одлична форма – можеме да ги победиме“

Шпанија и Франција ќе се соочат во Далас во битка за финале на Мундијалот. Добитникот на „Злтната топка“ и капитенот на шпанската репрезентација, проговори пред натпреварот и призна дека ги изгледал речиси сите натпревари на турнирот, пренесува „Гардијан“.

„Некои ги гледав како навивач, други ги анализирав. Не е дека седам со пенкало и хартија… иако, добро, веројатно навистина сум најлош во тоа“, се пошегува играчот за врска.

„Франција е една од најдобрите селекции на турнирот и игра во одлична форма. Но, и Шпанија е во одличен момент. Покажавме дека можеме да ги победиме – тоа го направивме и на Европското првенство и во Лигата на нации“, истакна Родри.

Шпанија славеше со 2:1 против Франција во полуфиналето на Европското првенство 2024, а една година подоцна повторно беше подобра во полуфиналето на Лигата на нации со спектакуларни 5:4.

„Натпревар како тој со девет голови е навистина реткост. Не смееме да мислиме дека и овој ќе биде таков. Франција ќе биде многу поцврста, потешко ќе се примаат голови. Светските првенства се поинакви. Ќе мораме повеќе да ја контролираме играта“, нагласи тој.

Шпанија постепено го достигнува врвот

Родри признава дека ова не била лесна сезона. По повредата на задната ложа во финалето на ЕП 2024, а потоа и тешката повреда на коленото неколку месеци подоцна, враќањето било долго.

„Се чувствувам добро и најважно е што тимот расте од натпревар во натпревар. Уште од почетокот велев дека ова ќе биде долг турнир и дека ќе мора да ја градиме нашата форма постепено. Сега конечно гледам тим кој повторно е конкурентен како на Европското првенство.“

Порака за Ламин Јамал

Големо внимание Родри посвети и на Ламин Јамал, кој повторно ќе биде еден од најважните адути на Шпанија против Франција.

„Кога јас имав 19 години, живеев во студентски дом и одев на факултет. Ламин веќе е една од најголемите светски ѕвезди. Тоа е сосема поинаков живот.“

Сепак, капитенот смета дека талентираниот крилен напаѓач сè уште има простор за напредок.

„Понекогаш сака веднаш да покаже сè што знае. Треба да научи подобро да ги препознава моментите во натпреварот. Тоа е сосема нормално за неговите години. Најважно е што секогаш слуша, сака да учи и е многу самокритичен.“

Капитенската улога носи поголема одговорност

По заминувањето на Алваро Мората и Дани Карвахал, Родри ја презеде капитенската лента и чувствува уште поголема обврска.

„На теренот мојата улога остана иста, но надвор од него капитенот мора да ја води групата. Особено е важно да им се помогне на играчите кои не добиваат минутажа. Сите сме биле во таа ситуација и знаеме колку е тешко.“

Тој истакна дека успехот не го носат само стартерите.

„Не мора секогаш најважните играчи да започнат од првата минута. Видовме како Фабијан Руиз блесна кога доби шанса, а Педри од клупата донесе смиреност и контрола. Секој има своја улога.“

Светската титула како најголем сон

На крајот, Родри признава дека освојувањето на Светското првенство би било најголемото достигнување во неговата кариера.

„Тоа е највисокото нешто кон кое може да се стреми еден фудбалер. Да бидеш капитен кој ќе ја одведе Шпанија до светската титула е историски предизвик. Тоа досега ѝ успеало само еднаш на нашата репрезентација.“

Јамал: Ако Франција треба да се плаши од некого, тоа сме ние

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот