Пеп Гвардиола/Manchester City

Гвардиола може побрзо од очекуваното да се врати на работа и тоа како селектор

Пеп Гвардиола би можел многу побрзо од очекуваното да се врати на тренерската работа. Откако во мај, по десет години, го напушти Манчестер сити, шпанскиот стратег е на одмор, но веќе се поврзува со една од најатрактивните селекторски функции во светскиот фудбал.

Според италијанскиот весник „Ла Газета дело Спорт“, Гвардиола се наоѓа на потесниот список кандидати за нов селектор на италијанската репрезентација.

Важна улога во изборот на новиот селектор би требало да има Паоло Малдини, кој минатата недела беше назначен за технички директор на Фудбалскиот сојуз на Италија.

Наводно, Малдини сака со ангажман на тренер од светска класа да испрати јасна порака за високите амбиции на „аѕурите“, а Гвардиола е неговата најголема желба. Сепак, најголемата пречка би можела да биде финансискиот аспект на евентуалниот договор.

Шпанецот во последната сезона на клупата на Манчестер сити заработуваше повеќе од 21 милион фунти годишно, сума што италијанската федерација тешко може да ја обезбеди.

Италијанските медиуми наведуваат дека дел од неговата плата би можеле да ја покријат клубовите од Серија А, но и тоа најверојатно нема да биде доволно за да се достигнат примањата што ги имаше во Англија.

Гвардиола и претходно во неколку наврати најавуваше дека во одреден момент од кариерата би сакал да води репрезентација, а во изминатите години често се споменуваше и како можен селектор на Англија. Покрај него, меѓу кандидатите за клупата на Италија се и Роберто Манчини, Антонио Конте, Андреа Пирло и Карло Анчелоти.

Во моментов нема потврда дека се започнати конкретни преговори, но евентуалното доаѓање на Пеп Гвардиола на клупата на Италија сигурно би било една од најголемите тренерски приказни во последните години.

Аргентина ќе игра во темно син дрес против Англија, потсетник на славната 1986 година

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот