Микел Мерино/EPA/CHRISTOPHER TORRES

Најдобриот „џокер“ од клупата: Она за што многумина само сонуваат, за Микел Мерино е секојдневие

За повеќето фудбалери, постигнувањето победнички гол што ќе ја однесе нивната репрезентација во полуфинале на Светско првенство би било врвот на кариерата. Секој мечтае да стане национален херој, но само малкумина успеваат во тоа.

За Микел Мерино, пак, ваквите моменти речиси станаа навика.

Во 86. минута од четвртфиналниот натпревар против Белгија, при резултат 1:1, селекторот Луис де ла Фуенте го повика од клупата. Само 115 секунди по влегувањето во игра, Мерино го постигна победничкиот гол.

Во осминафиналето против Португалија му беа потребни само неколку минути повеќе. Влезе во игра, а во 91. минута повторно беше човекот што ја одведе Шпанија понатаму.

Мерино стана првиот фудбалер во историјата на Светските првенства кој како резерва постигнал победнички гол во два различни натпревари од нокаут-фазата. Воедно, тој е и првиот Шпанец што постигнал два победнички гола по 80. минута на еден Мундијал.

Импресивна ефикасност

На Светското првенство 2026, Мерино постигна два гола од само четири удари кон противничкиот гол, што претставува извонредна реализација од 50 проценти.

Во просек постигнува погодок на секои 3,5 допири во противничкиот шеснаесетник, една од најдобрите статистики меѓу сите стрелци на турнирот.

Ова не е првпат да биде икс-фактор

На Европското првенство во 2024 година токму неговиот гол со глава во 119. минута против Германија ја испрати Шпанија во полуфиналето, а „црвената фурија“ подоцна ја освои титулата.

Во четвртфиналето на Лигата на нации во 2025 година повторно беше херој, постигна гол во судиското продолжение против Холандија само неколку минути по влегувањето во игра.

На големите турнири, Мерино има постигнато три гола како резерва, исто колку и Алваро Мората. Ниту еден друг шпански фудбалер нема повеќе.

Де ла Фуенте има целосна доверба

Сонот на секој тренер е да има играч што ќе може да го внесе од клупата кога натпреварот не оди според планот. За Луис де ла Фуенте тоа е токму Микел Мерино.

„Мерино има многу квалитети. Би играл во секоја репрезентација и во секој клуб. За нас е создаден за овој тим и за овој стил на игра. Знаеме дека секогаш е тука кога ни е најпотребен“, изјави селекторот.

Тој откри дека против Белгија дури размислувал да го користи како класичен напаѓач.

„Во еден момент почувствувавме дека натпреварот бара поинакво решение и го внесовме како централен напаѓач. Се покажа како вистински потег.“

Де ла Фуенте признава дека не е лесно да го остави на клупата.

„Неправедно е што Микел не започнува од првата минута, но би било неправедно и некој друг да остане надвор. Само 11 играчи можат да бидат стартери, а сите ја разбираат својата улога. Токму затоа е вистинско задоволство да се биде нивен селектор.“

Меѓу најдобрите стрелци на турнирот

Мерино има просек од 1,32 гола на секои 90 минути на Светското првенство – петти најдобар учинок меѓу сите фудбалери што стигнаа до четвртфиналето.


Подобар просек имаат само Килијан Мбапе (1,39), Лионел Меси (1,36), Ерлинг Халанд и Јохан Манзамби (двајцата по 1,35).

Арсенал одамна ја знае неговата вредност

Навивачите на Арсенал веќе добро знаат колку е опасен Мерино кога натпреварот е во неизвесност.

Од дебито за лондонскиот клуб во октомври 2024 година постигна 15 голови во сите натпреварувања, а четири од нив како резерва.

Дури 10 од неговите 11 голови во Премиер лигата директно го променија резултатот во корист на Арсенал.

Од освојувач на дуели до голгетер

Микел Артета првично го доведе Мерино како играч што ќе освојува топки во средниот ред.

Во сезоната 2023/24 со Реал Сосиедад, тој доби најмногу дуели од сите фудбалери во петте најсилни европски лиги, вкупно 326.

Истата сезона беше и убедливо најдобар играч од средниот ред во воздушните дуели со 278 добиени скока.

Но, кога Арсенал се соочи со криза во нападот, Артета го постави како „лажна деветка“. Потегот се покажа како полн погодок.

Во Лигата на шампионите седумпати играше како напаѓач и постигна четири гола, меѓу кои и оној во убедливата победа од 3:0 против Реал Мадрид.

Иако неговите квалитети како играч од средниот ред се неспорни, способноста да постигнува клучни голови во завршниците на натпреварите го прави едно од најсилните оружја што Луис де ла Фуенте ги има на располагање.

Со Микел Мерино како адут од клупата, Шпанија знае дека дури и кога не игра најдобро, секогаш има играч што може да го промени текот на натпреварот. Пред полуфиналето против Франција, тоа може да биде поважно од кога било.

Гвардиола може побрзо од очекуваното да се врати на работа и тоа како селектор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот