СДСМ обвинува дека братот на Трајко Славески е унапреден од чувар во член на УО на М-Нав
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) тврди дека братот на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, бил незаконски унапреден од работно место чувар во член на Управниот одбор на Македонска навигација (М-Нав), оценувајќи дека станува збор за пример на партиско влијание и злоупотреба на институциите.
Препорачано
Управниот одбор на Акционерското друштво за воздухопловна навигација незаконски го унапредил Сашо Славески, брат на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески од работно место обезбедувач на имот на позицијата помошник за обука и координација во Одделение за воздухопловни информации – AIS и член на Управниот одбор, велат од СДСМ.
„Уште поскандалозно е тоа што ова унапредување се случило уште во март 2025 година, а јавноста за него дозна дури пред неколку дена, кога членовите на Управниот одбор кои го спровеле незаконското унапредување добија кривична пријава. Управниот одбор на М-НАВ незаконски го унапредил Сашо Славески од работно место обезбедувач на имот на позицијата „помошник за обука и координација во Одделение за воздухопловни информации – AIS во Сектор за воздухопловна навигација“, велат од опозициската партија.
Ваквите именувања, според СДСМ, ја нарушуваат довербата во јавните институции и го отвораат прашањето за критериумите по кои се избираат членовите на раководните органи во државните претпријатија и акционерски друштва.
Од М-НАВ и од останатите надлежни институции засега нема официјален одговор на обвинувањата. Не е соопштено ниту дали ќе биде поведена постапка за проверка на законитоста на именувањето.


