Изнудено „извинете“ во празна сала не ги брише навредите на Мицкоски кон граѓаните, велат од СДСМ
Од СДСМ реагираат на извинувањето на премиерот Христијан Мицкоски за вчерашните случувања во Собранието. Од опозициската партија велат дека премиерот, „кој ги нарекува граѓаните глодари и талог, приредува само евтин театар за да го ублажи падот на личниот рејтинг“.
Препорачано
„Мицкоски смета дека едно срамно и изнудено „извинете“, изговорено во празна собраниска сала, може да ги измие сите досегашни навреди упатени кон граѓаните. Не може да ги нарекуваш граѓаните „талог на општеството“, „глодари“, „медиокритети“, „мекотели“ па потоа заедно со својот прв соработник Иван Стоилковиќ да пцуе пратеници во Собранието“, се вели во реакцијата на опозициската партија.
Оттаму додаваат дека такво однесување не му доликува на универзитетски професор, нарекувајќи го срамно за универзитетот и за собранието и за државата.
-Вакво однесување на еден премиер досега не е видено во ниту една нормална држава. Спуштањето на ова ниво не може да се оправда со ништо, а најмалку со губењето на поддршката од граѓаните и со падот на личниот рејтинг, кој пак самиот си го предизвика со своите секојдневни лаги. Мицкоски не им се извини на граѓаните. Тој се обиде да прикаже дека се извинува на пратениците, во момент кога салата беше празна, со цел да создаде привид на „исправка“ – велат од СДСМ.
Од опозициската партија додаваат дека граѓаните не се наивни и дека вистинското извинување значи признавање на грешката.
„А досега од Мицкоски видовме само театар. Граѓаните заслужуваат почит, а не навреди од премиерот на државата“, порачаа од СДСМ.


