Фото: mkd.basketball

Победа против Шведска носи голем чекор кон четвртфиналето

Младинската кошаркарска репрезентација на Македонија денеска од 13.30 часот ќе го игра еден од клучните натпревари на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Братислава, Словачка. Противник е лидерот во групата „А“, селекцијата на Шведска. Нашата селекција ќе ја води можеби и најважната битка во досегашниот тек на шампионатот. Дуелот против Шведска може во голема мера да го одреди патот кон пласман во четвртфиналето на ЕП.

Швеѓаните во натпреварот влегуваат како единствена непоразена екипа во групата „А“. По три одиграни кола имаат максимален ефект од три победи и заслужено се наоѓаат на врвот на табелата. Македонија, пак, по победата над домаќинот Словачка и поразот од Ирска има скор од една победа и еден пораз. Евентуален триумф над фаворизираниот противник значително би ги зголемил шансите за место меѓу осумте најдобри селекции на првенството.

Дополнителна неизвесност носи и состојбата на табелата, каде што дури три репрезентации – Македонија, Азербејџан и Ирска – имаат идентичен биланс од една победа и еден пораз. Поради тоа, големо значење за конечниот расплет ќе има и вечерниот натпревар меѓу Ирска и Азербејџан, кој започнува од 20.30 часот.

Во шведскиот состав најголема опасност претставува поентерскиот тандем Фадига и Нзоуанси. Фадига во првите три натпревари бележи просек од 16,3 поени, додека Нзоуанси постигнува 14,3 поени по натпревар. Значајна улога во нападот имаат и Аморан, со просек од 11 поени, како и Фотин, кој е блиску до двоцифрен просек.

Кај Македонија, по првите две средби, најефикасен е Коста Ќириловски со просек од 16,5 поени, додека Марко Луканоски бележи 11,5 поени и 7,5 скока по натпревар. За да се дојде до посакуваниот резултат против силниот шведски состав, неопходен ќе биде уште поголем придонес од останатите репрезентативци, особено во офанзивниот дел од играта.

По денешниот натпревар, Македонија ја очекува и последниот дуел од групната фаза против Азербејџан, кој исто така може да биде решавачки во борбата за место во четвртфиналето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот