Хрватската модна дизајнерка Сњежана Вего/Фото: Принтскрин/Фејсбук

ФОТО | Почина Сњежана Вего, познатата хрватска дизајнерка што ја облече „Рива“ за победa на Евровизија

Сњежана Вего, хрватска модна дизајнерка, костимографка и универзитетска професорка, почина на 71-годишна возраст. 

Пошироката јавност засекогаш ќе ја памети по незаборавниот печат што го остави во историјата на поп-културата – таа е креаторка на култните костими за историскиот настап на групата „Рива“ на Евровизија во 1989 година. Како авторка на впечатливиот визуелен идентитет на групата во годината на нивната голема победа, таа остана трајно запишана во историјата на хрватската мода.

Нејзиниот пристап бил далеку од едноставно облекување на изведувач. Таа пристапила кон работата како кон комплетен костимографски проект. Од Швајцарија, каде што се одржуваше Евровизија таа година, Вего побарала примероци од материјали од сцената за совршено да ги усогласи боите и светлата.

– Кон таа работа пристапив како да правам костимографија. Го имав сценското движење, ја имав сценографијата и тоа е основата. Ми се чинеше дека големите маси на црно и бело се добри затоа што добро ги примата сите бои на себе, а воедно се и добар контраст – се присетила Вего.

Групата „Рива“, победници на Евровизија во 1989, Палатата „Болие“, Лозана, Швајцарија/Фото: INTERFOTO / Personalities, INTERFOTO / Alamy / Profimedia

Таа била свесна за опасноста големата сцена да го „изеде“ изведувачот, па затоа осмислила визуелно незаборавни решенија. Белиот фустан на Емилија Кокиќ со црна графика и впечатлив црвен детаљ стана култен. Но, зад нејзиниот совршен изглед се криела и една симпатична анегдота што сведочи за нејзината посветеност. Пејачката Емилија Кокиќ од „Рива“ имала долга коса и не сакаше да ја скрати, како што било замислено.

– Емилија плачеше, не сакаше да ја скрати косата. Стигнав до нив, таа плаче, момчињата ја смируваат, но не оди. Ѝ реков дека има прекрасен профил и врат за кратка фризура, а таа ми рече дека имам и јас. На крајот седнав на стол и ѝ реков на фризерката: „Истрижи ме мене!“ – раскажала Вего.

Таа вечер Вего и самата добила кратка фризура, но успеала да ја охрабри пејачката. Тоа бил потег што го заокружил победничкиот имиџ и го покажал професионализмот што ја дефинирал целата нејзина кариера.

Во текот на својата исклучително богата кариера, Сњежана Вего оставила неизбришлива трага на модната и театарската сцена. Нејзиното образование било сестрано – по завршувањето на Отсекот за дизајн на облека на Вишата текстилна школа во Загреб во 1981 година дипломирала и на Академијата за ликовни уметности во Загреб, отсек сликарство, во класата на професорот Јосип Бифел.

Своите маестрални дела ги изложувала на повеќе од 50 модни настани, самостојно или во соработка со други автори. Меѓу позначајните самостојни изложби се: изложба во 1988 година во галеријата Менегело во Минхен, изложба на модна авангарда во Музејскиот простор Мимара во 1989 година, независна модна ревија „Хрватска корота“ во рамките на Хрватската недела во Минхен во 1995 година.

Покрај модниот дизајн, нејзина голема љубов била и костимографијата. Сњежана Вего соработувала со телевизиски куќи како костимографка, а од 1987 година и со бројни театри. Од 1987 година предавала на Текстилно-технолошкио факултет во Загреб, на кој во 2002 година била избрана за вонредна професорка.

Зад себе ги остави сопругот Жарка, ќерката Лана и внуките.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот