Ненад Стојановски - Фото: Facebook

Си замина прерано, но остави траен белег во македонскиот театар — 28 години без Ненад Стојановски

Пред 28 години, македонската театарска сцена загуби еден од најмаркантните театарски, филмски и телевизиски актери – Ненад Стојановски.

Веста за неговата ненадејна смрт на 14 јули 1998 година одекна низ цела земја и беше дочекана со неверување, тој имаше само 45 години.

Стојановски ќе остане запаметен како величествен актер на сцената, моќна и впечатлива фигура пред камерата, и секогаш миленик на публиката.

Зад себе остави имресивна и богата кариера

Неговите приви чекори во светот на актерството ги направил откако станал член на Детската радио-драма и во експерименталните аматерски драмски состави „Кактус“ и „Кај Св. Никита Голтарот“, а по завршувањето на Факултетот за драмски уметности, Ненад настапувал на сцената на Драмскиот театар – Скопје, а гостувал и на повеќе други сцени.

Повеќе пати настапувал на Дубровничките и Сплитските летни игри, а учествувал и во повеќе проекти при Драмата на Македонскиот народен театар.

Добитник е на голем број награди и признанија како, две Стериини награди, највисокото општествено признание на Македонија, Наградата „11 Октомври“, Наградата на „Млад борец“, на ревијата „Екран“ за најпопуларно филмско и ТВ лице и на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Во 1985 година е прогласен за актер на годината според ревијата „Екран“, добитник е на Наградата на весникот „Дневник“ од Нови Сад, добитник на „Златен медал“ на Театарските свечености во Шабац, за улогата во претставата „Кула Вавилонска“.

Во неговата богата биографија се вбројуваат улогите во ТВ-филмовите:  „Илинка“ – 1975,  „Цимерите од соба 306“- 1976 , „Пресуда“ – 1977, „Сослушувањето на железничарот“ – 1977,  „Лет во место“ – 1981 , „Илинден“ – 1982 ,  „Записник“ – 1983,  „Премиера“ -1983, „Јуначко колено“ – 1984 , „Лет во место“ – 1984,  „Диво месо“ – 1984,  „Дупло дно“ – 1984, „Камчевци“ – 1984, „На наш начин“ – 1985, „Од зад грб“ – 1985, „Тетовирани души“ – 1985, „Трговецот од Солун“ – 1985, „Бушава азбука“ – 1985, „Состојба на инфаркт“ – 1986, „Трета доба“ – 1987.

Како и улогите во: „Смртта на Дантон“ – 1987, „Народни трибуни“ – 1987,  „Хај-фај“ – 1987,  „Скопски сновиденија“ – 1988,  „Мојсие од моето масло“ – 1988,  „Црна дупка“ – 1988,  „Тврдокорни“ – 1989, „Еурека“ – 1989,  „Трст виа Скопје“ – 1990,  „ДО РЕ МИ“ – 1990, „Кула вавилонска“ – 1990,  „Опстанок“ – 1990-1991, „Болва в’ уво“ – 1991,  „Царуга“ – 1991 и други.

Добитник е на наградите:

– Награда на Фестивалот „Стериино позорје“ за улогата на Андреја во претставата „Диво месо“ (Нови Сад, 1980);
– Награда за најдобар млад глумец на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ за улогата на Козаков во претставата „Бркотница“, (Прилеп, 1981);
– Награда за најдобра епизодна улога на МТФ „Војдан Чернодрински“ за улогата на Козаков во претставата „Бркотница“ (Прилеп, 1981);
– Награда за глумечко остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ за улогата на Пиги во претставата „Среќна Нова ’49“ (Прилеп, 1985);
– Награда 11 Октомври за улогата на Јаков III во претставата „Дупло дно“ (1985);
– Награда за најдобро глумечко остварување на ревијата Екран за улогата на Пиги во претставата „Среќна Нова ’49“ (1986);
– Награда од списанието Дневник од Нови Сад за најдобро глумечко остварување на Фестивалот „Стериино позорје“ за улогата на Миле во претставата „Сили во воздухот“ (Нови Сад, 1989);
– Златен медал на Театарските свечености „Љубиша Јовановиќ“, за улогата на Дамјан во претставата „Кула вавилонска“ (Шабац, 1990).

Приватен живот

Стојановски беше во брак со актерката Силвија Стојановска со која ги имаат двете ќерки Ана и Јана, кои денес се исто така познати актерки во Македонија. Болката од ненадејната загуба се уште не згаснува.

Ќерката Јана имала 13 години, а нејзината сестра Ана само 9 години кога останале без својот татко.

Актерката и пејачка Јана, во интервју за „Слободен печат“, проговори за својот татко и неговиот неверојатен талент.

„Мојот татко Ненад е како некој суперхерој од некој филм, од некое друго време… не сум ни сигурна дали постоел, од што беше посебен. Ден-денес луѓето зборуваат со жар за него и не сум сретнала никој друг да зборува за кого било како што луѓето зборуваат со воодушевување за него и со таква леснотија го фалат, и мажи и жени. Уште не ми е јасно зошто таа лекција така… се надевам ќе ми стане јасно еден ден. Тоа што силно го чувствувам како минува времето е колку сум негова, генетски, пред сè. Јас од него наследив да можам да го пренесам тој талентиран ген на следните генерации“, изјави актерката во интервју за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот