Дали треба да пиете кефир секој ден? Нутриционистка ги објаснува придобивките и препорачаната количина
Кога станува збор за намирниците на кои им се припишуваат бројни здравствени придобивки, кефирот е меѓу најчесто споменуваните.
Препорачано
Во текот на изминатата година, пребарувањата за терминот „кефир пијалак“ на британската платформа Окадо (Ocado) пораснале за 105 отсто, додека трговскиот синџир Sainsbury’s наведува дека пребарувањата за обичен кефир се удвоиле, пишува Би-би-си.
Иако секојдневната чаша или чинија кефир може да изгледа како нов тренд, овој ферментиран млечен производ е дел од исхраната на одредени народи со векови.
Но, дали навистина постои причина за таквата популарност и дали кефирот може да го подобри здравјето?
Дали треба да пиете кефир секој ден?
Докази за здравствените придобивки од кефирот и понатаму се собираат, но редовното консумирање може да придонесе за здравјето на цревата, како и за внесот важни хранливи материи како калциум и протеини.
За повеќето здрави возрасни луѓе, дневното консумирање кефир може да биде дел од балансирана исхрана.
Што е кефир?
Поради благата природна газираност, кефирот често се нарекува и „шампањ меѓу млечните производи“. Најчесто, тоа е ферментиран млечен пијалак, но постои и во погуста верзија слична на јогурт, која се јаде со лажица. Достапен е и водениот кефир.
Традиционално се произведува со употреба на зрна кефир кои личат на ситни цветчиња од карфиол. Тие содржат мешавина од корисни микроорганизми – добри бактерии и квасци. Со додавањето во млекото започнува ферментацијата, во текот на која пијалакот станува погуст, малку кисел и малку газиран.
Како и другите ферментирани намирници, кефирот содржи живи микроорганизми што се поврзуваат со позитивните ефекти на здравјето. Се смета дека придонесува за здравјето на цревата, варењето, имунитетот, метаболизмот, па дури и менталната благосостојба.
Сепак, сите кефири не се исти. Поради разликите во производството, некои производи содржат помалку различни корисни бактерии, па затоа вреди да се обрне внимание при изборот.
Дали кефирот е добар за здравјето на цревата?
Кефирот спаѓа меѓу најпроучуваните ферментирани намирници.
Неодамнешен преглед на 28 клинички студии ги испитувал неговите ефекти на метаболичкото здравје – нивото на холестерол, шеќерот во крвта и крвниот притисок – како и на здравјето на цревата.
Резултатите покажуваат дека консумирањето кефир е поврзано со подобрувања на нивоата на холестеролот, крвниот притисок и телесниот состав, иако резултатите не беа изедначени, а повеќето истражувања опфатиле мал број испитаници.
Кога станува збор за здравјето на цревата, постојат докази дека кефирот може да го ублажи запекот, а некои истражувања покажале и намалување на одредени показатели на воспаленија.
Позитивни резултати се забележани и кај луѓе кои не можат да поднесат лактоза. Бидејќи ферментацијата ја намалува содржината на лактоза, а микроорганизмите го олеснуваат варењето, луѓето кои пиеле кефир имале помалку проблеми отколку по консумирањето млеко.
Сепак, научниците сè уште не можат со сигурност да ги потврдат сите здравствени придобивки од кефирот. Претходните студии биле мали, се разликувале во количината и видот на кефирот, а сите истражувања не покажале позитивен ефект.
Засега, резултатите се најубедливи кога станува збор за здравјето на цревата.
Освен тоа, кефирот е исто така хранлива намирница. Порција од 250 милилитри содржи околу девет грама протеини и околу 300 милиграми калциум, што е повеќе од 40 отсто од препорачаниот дневен внес за возрасни.
Како да го вклучите кефирот во исхраната?
Кефирот е достапен во обични и овошни варијанти. Се разликува по густината, киселоста и газираноста, па затоа вреди да се пробаат неколку производители.
Може да се користи насекаде каде што нормално би користеле јогурт – во смути, со овошје, гранола или мусли.
Обичниот кефир оди добро и со зачинети, лути јадења, кари и супи, а може да послужи и како основа за прелив за салата со маслиново масло, сок од лимон и зачини.
Колку кефир треба да пиете дневно?
Кефирот не е чудотворна хнамирница и нема да ја надомести лошата исхрана, но може да биде корисен додаток на здравите навики.
Ако штотуку почнувате да јадете ферментирана храна, имате синдром на иритабилно црево или чувствителен дигестивен систем, се препорачува да започнете со помали количини.
Експертите советуваат да започнете со околу 100 милилитри дневно, а потоа постепено да го зголемувате внесот до една чаша, односно 250 милилитри, ако ви одговара.
За најголем ефект на цревниот микробиом поважна е редовноства отколку повременото консумирање на поголеми количини.
Покрај тоа, ако сакате да го зачувате здравјето на цревата, кефирот треба да биде дел од разновидна, балансирана исхрана богата со растителни намирници и влакна, а не единствената намирница на која се потпирате.
Нутриционистите го открија најдобриот пијалак пред спиење за слабеење
Килограмите ќе се топат како од шега: Три ферментирани намирници што помагаат при слабеење


