Тетоважите не се само украс — научниците открија како влијаат врз имунолошкиот систем
Луѓето се тетовираат илјадници години, од духовни, културни или лични причини. Иако историјата многу ни открива за традицијата на тетовирањето, научниците сè уште се обидуваат да разберат какво долгорочно влијание има мастилото врз здравјето.
Препорачано
Најновите истражувања покажуваат дека тетоважите не се само украс на кожата – тие предизвикуваат имунолошки одговор кој може да трае цел живот, пишува „Саенс алерт“.
Мастилото не останува само во кожата
Кога мастилото се внесува во средниот слој на кожата, организмот веднаш го препознава како туѓа материја и го активира имунолошкиот систем. Белите крвни клетки се обидуваат да ги отстранат честичките од мастилото, но тие се премногу големи за целосно да бидат разградени.
Токму затоа тетоважите остануваат трајни, но тоа значи и дека телото постојано реагира на нивното присуство.
Истражувањата покажуваат дека дел од честичките на мастилото можат да навлезат во лимфниот систем и да се наталожат во лимфните јазли, кои имаат важна улога во одбраната на организмот од инфекции и други штетни материи.
Што содржи мастилото?
Современите мастила за тетовирање претставуваат сложена мешавина од пигменти, течности, конзерванси и други хемиски состојки.
Според медицинската микробиологинка Манал Мохамед, многу од пигментите што денес се користат првично биле развиени за индустриски производи, како автомобилски бои, пластика и тонери за печатачи, а не за внесување во човечка кожа.
Научниците откриле и мали количества тешки метали во некои мастила, меѓу кои никел, кобалт, хром, а во ретки случаи и олово. Во поголеми концентрации овие метали можат да бидат штетни за организмот и да го зголемат ризикот од сериозни здравствени проблеми.
Одредени бои почесто предизвикуваат реакции
Истражувањата покажуваат дека црвените, жолтите и портокаловите мастила почесто се поврзуваат со алергиски реакции и долготрајни воспаленија.
Особено црвеното мастило може да предизвика постојано чешање, отоци и создавање воспалителни јазли, бидејќи имунолошкиот систем не успева да го отстрани пигментот.
Дополнителен проблем претставуваат и некои органски пигменти што со текот на времето, под влијание на силно сончево зрачење или ласерско отстранување на тетоважата, можат да се разложат на соединенија кои во лабораториски услови се поврзуваат со оштетување на клетките и зголемен ризик од рак.
Црното мастило, пак, може да содржи полициклични ароматични јаглеводороди – соединенија што се наоѓаат и во саѓите, издувните гасови и загорената храна, а дел од нив се класифицирани како канцерогени.
Засега нема цврсти докази за рак, но научниците повикуваат на претпазливост
Иако досега нема убедливи докази дека тетоважите директно предизвикуваат рак кај луѓето, лабораториските истражувања и испитувањата на животни укажуваат дека постојат причини за дополнително проучување.
Едно набљудувачко истражување објавено минатата година покажа дека тетовираните лица имале околу 29 проценти поголем ризик од појава на меланом, но други понови истражувања не ја потврдиле оваа поврзаност.
Ризик од инфекции и дополнителна претпазливост
Покрај влијанието врз имунолошкиот систем, процесот на тетовирање носи и ризик од инфекции, бидејќи иглата ја нарушува природната заштитна бариера на кожата.
Доколку не се почитуваат строгите хигиенски стандарди, можно е пренесување бактерии и вируси, меѓу кои и хепатит Б, хепатит Ц и одредени бактериски инфекции.
Научниците советуваат пред тетовирање добро да се информирате за мастилата што се користат, да изберете студио кое работи според високи хигиенски стандарди и, доколку имате автоимуно заболување или ослабен имунолошки систем, претходно да се консултирате со лекар.
Иако тетоважите остануваат важен начин на лично изразување, експертите предупредуваат дека тие претставуваат и долготрајна изложеност на различни хемиски материи. Затоа, според нив, потребни се повеќе научни истражувања, построги правила и поголема транспарентност за составот на мастилата што се користат.


