Оградата на Мостот на Уметноста - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Оградата на Мостот на Уметноста - Фото Слободен печат - Методи Здравев

По откорнатите плочи и безимените скултури, почна да скапува и оградата на мостовите на кејот

Ниедна од актуелните и претходните градски власти досега нема направено сериозни реконструкции на овие туристички атракции. „Слободен печат“ неколкупати поставуваше прашања до Град Скопје во изминатите неколку години и ги потенцираше проблемите што ги имаат пешачките мостови, особено мостот „Око“, но никогаш не доби одговор зошто не се обновува и дали се најдени виновниците за овој вандалски чин.

Во изминативе три години во центарот на Скопје може да се забележи нешто навистина несекојдневно – двата моста со скулптури, Мостот на уметноста и Мостот на цивилизациите, попознат како мостот „Око“, кои се едни од главните атракции за туристите и милионска инвестиција на државата, денес се местото на десетици оштетени и валкани скулптури чии плочи со биографии се одамна откорнати, а во изминатиов период веќе почна да пропаѓа и „мермерната“ ограда, која полека скапува.

„Слободен печат“ повеќе од три години го актуализира овој сериозен проблем и срам на главниот град, а овој срам на скопјани дополнително е засилен со фактот дека во непосредната близина од овие два оштетени моста се наоѓа и несреќната галија „Среќа“, која дели слична судбина со овие културни објекти, таа е вандализирана, оштетена и опожарена, а таква директно им паѓа на странците во очи.

Опожарената галија во Вардар ниту се урива ниту се поправа: Што се чека, сама да отплови?

Мостовите се предвидени да бидат туристичка атракција за странците што го посетуваат главниот град, но без нивните плочи и самите македонски граѓани не можат да препознаат дел од личностите за кои се направени овие скулптури. Овие мостови се изградени како дел од познатиот проект „Скопје 2014“, преку кој целосно се промени изгледот на градскиот центар.

Според податоците од јавен карактер, за овие мостови од Буџетот биле одвоени вкупно 76 милиони денари или околу 1.100.000 евра.
Мостот на цивилизациите или мостот „Око“ содржи 32 скулптури на личности од антиката што оставиле белег на овие простори, а неговата изградба го олеснила Буџетот за околу 640.000 евра.

ФОТО/ВИДЕО: На двата пешачки моста останаа безимени скулптури, табличките исчезнаа, Град Скопје не реагира

На овој мост можат да се забележат скулптури од Пердика Први, Александар Први Филхелен, Аминта Трети, Свети Гаврил Лесновски, Јоаким Осоговски, Свети Прохор Пчињски и многу други.

За жал, денес, на никоја од 32-те поставени скулптури на овој мост веќе нема плоча, што го прави нивниот идентитет вистинска мистерија за оние туристи, кои без водич ја истражуваат македонската култура и историја.

Оградата на Мостот на Уметноста - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Оградата на Мостот на Уметноста – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Нешто пoевтина била изградбата на Мостот на уметноста, околу 580 илјади евра, на кој се поставени 29 скулптури на писатели, композитори и уметници од поновата македонска историја. Тоше Проески, Кочо Рацин, Петре Прличко, Стале Попов, Григор Прличев и Ацо Шопов се меѓу личностите што можат да се забележат, но повеќе од половина од нив се оставени анонимни и без таблички, за кои е евидентно дека биле откорнати.

По откорнатите споменични плочи, на мостот „Око“ настрада и стаклената подлога

Денес, освен тоа што центарот на Скопје е дом на повеќе од 60 безимени и оштетени скулптури, веќе започнува да се забележува и оштетувањето на оградата од мостовите, која на повеќе места започнала да скапува да ја менува бојата од мермерно бела во темнокафена, со што целосно се одзема убавината и уникатноста на овој мост, кој очигледно не може уште многу да се опира на повеќегодишната негрижа.

За жал, ниту една од актуелните и претходните градски власти досега нема направено сериозни реконструкции на овие туристички атракции.

Оградата на Мостот на Уметноста - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Оградата на Мостот на Уметноста – Фото Слободен печат – Методи Здравев

„Слободен печат“ неколкупати поставуваше прашања до Град Скопје во изминатите неколку години и ги потенцираше проблемите што ги имаат пешачките мостови, особено мостот „Око“, но никогаш не доби одговор зошто не се обновува и дали се најдени виновниците за овој вандалски чин.

Две години надлежните „спијат“: Табличките со имиња исчезнаа од скулптурите од двата пешачки моста, нови не се ставаат

Единствено минатата година од Градот одговорија дека случајот со украдените метални плочи е пријавен во полиција, од каде што се чека одговор за тоа дали плочите се пронајдени или ќе биде потребно да се направат и постават нови.

– Во врска со украдените плочки со имиња на уметници на мостот „Око“ и Мостот на уметноста и вандализирање на оградата, ве известуваме дека случајот е пријавен во МВР и сè уште нема одговор од нив, дали се пронајдени или потребно е да се изработат нови. Недозволиво е во строгиот центар на градот да има толку вандалски чинови – информираат од Град Скопје.

Фото: Слободен печат

Сепак, по една година од последната објава на „Слободен печат“, нема одговори ниту од полицијата ниту од новите градски власти во однос на тоа дали имаат план за целосна реставрација на оградата, генерално чистење на мостовите и поставување нови плочки со имиња на „анонимни“ дејци и личности од минатото за кои се направени десетиците монументи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот