Две години надлежните „спијат“: Табличките со имиња исчезнаа од скулптурите од двата пешачки моста, нови не се ставаат

Табли/ Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Грижата за мостовите е надлежност на Град Скопје, но оттаму нема одговор на прашањето дали планираат и кога да стават нови табли со имиња, и дали се загрижени за грдата слика што ја оставаат безимените скулптури пред многубројните туристи во градот, слика што веројатно не ја виделе во ниеден друг град на светот.

На само десетина од 60-те скулптури поставени на Мостот на уметноста и Мостот „Око“ се останати таблички на кои може да се прочита за која личност станува збор. Веќе две години скулптурите се оставени без натписи, а никој не се грижи да ги обнови, односно да стави нови, иако само за скулптурите на двата моста беа потрошени повеќе од 1,2 милиони евра. Сега, откако металните таблички веројатно завршиле за ситни пари во некој од скопските отпади за старо железо, на надлежните не им пречи што фигурите стојат безимени.

Табли/ Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Грижата за мостовите е надлежност на Град Скопје. Но, оттаму цела недела нема одговор на прашањето дали планираат и кога да стават нови табли со имиња, и дали се загрижени за грдата слика што ја оставаат безимените скулптури пред многубројните туристи во градот, слика која веројатно не ја виделе во ниеден друг град на светот.
За скопјани пак, негрижата на надлежните не е ништо ново ниту вообичаено.

Ништо повеќе не ме изненадува, ќе ме изненади да видам дека некој во Скопје се грижи за нешто. Иако не разбирам како може кога нешто веќе се направило, кога се потрошиле пари, да се „сопнуваат“ на одржувањето. Греота е, грдо е, непочитување е во крајна линија кон оние што некогаш значеле нешто и кои што заслужиле да добијат скулптура. И конечно, срамно е пред странците во градот кои сигурно не можат да видат вакво нешто од таму каде што доаѓаат. Оти низ светот луѓето си се грижат за она што го направиле – вели Марија, случаен минувач на Мостот на уметноста.

Табли/ Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Двата пешачки моста се дел од контроверзниот проект на Владата на Никола Груевски „Скопје 2014“. Мостот на уметноста се протега преку Вардар од Градскиот трговски центар до зградата на Јавното обвинителство. Неговата изградба чинеше околу 2,3 милиони евра, беше пуштен во употреба во 2013 година и на него се поставени 29 скулптури на познати писатели, уметници, композитори, музичари, по 14 на секоја страна и една во средината.

Централната скулптура во средината на мостот ги претставува браќата Миладиновци и е висока три метри.

Табли/ Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Од двете страни се поставени по 14 двометарски скулптури излеани во бронза, меѓу кои и скулптурите на Тоше Проески, Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, Димитар Кондовски, Петар Мазев, Григор Прличев, Стале Попов, Крсте Петков Мисирков, Кочо Рацин, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Петре Прличко, Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски и други.

Табли/ Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Мостот „Око“, кој официјално подоцна е наречен Мост на цивилизациите, е лоциран веднаш до Камениот мост и го поврзува кејот со Археолошкиот музеј и Уставниот суд. И тој е од употреба од 2013 година, за него беа потрошени 2,7 милиони евра и на него од двете страни се наредени вкупно 32 скулптури на историски личности за кои се пронајдени археолошки остатоци во Македонија. Некои од нив датираат уште од античко време.

На мостот се поставени скулптури на кралевите Пердика Први, Александар Први Филхелен, Аминта Трети, царевите Гаврил Радомир, Иван Владислав и Стефан Душан. Овековечени се и Персеј, Свети Гаврил Лесновски, Јоаким Осоговски, Свети Прохор Пчињски, Петар Делјан, Георги Војтех и многу други.

Кој е кој и во кој период живеел, сега е апсолутно непознато, таблички со податоци нема.

Табли/ Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Поставувањето на овие скулптури, предизвика многу дискусии и реакции во јавноста околу изборот на личностите. Но, без оглед на сѐ, без оглед дали некому му се допаѓаат или не, дали се согласува со нивниот избор или не, тие се таму каде што се и редно е повторно да добијат табли со имиња и податоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот