Опожарената галија во Вардар ниту се урива ниту се поправа: Што се чека, сама да отплови?

Галија напуштена/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Од Град Скопје нема одговор што се планира со бродот „Среќа“, дали заврши судската постапка и каква е пресудата, и до кога галијата, која двапати беше опожарена, ќе остане во реката во таква катастрофална состојба.

Не се знае дали Град Скопје има некаков план во врска со галијата во Вардар што стои запуштена, со искинати едра, изгорена, полна со ѓубре и го нагрдува кејот веќе подолго време. Оттаму нема ниту одговор дали заврши судската постапка за галијата несреќно наречена „Среќа“, која двапати беше опожарена и сега во таква катастрофална состојба е оставена во реката. Прашање е дали воопшто на градоначалничката Данела Арсовска и на надлежните сектори во Град Скопје им текнува за оваа грдотија.

Но скопјани, особено оние што патот редовно ги води на кејот во близина на „Холидеј ин“, не можат да се изначудат како може да се дозволи ова и како никому не му пречи.

Кога и да поминам туканакај ГТЦ, не можам да поверувам дека никој, апсолутно никој не се ангажира да се најде решение за ова „ругло“ во реката. Па или нека ја тргнат или нека ја обноват, да личи на нешто. Срамота е ова навистина, да се остави вака уништено, валкано, полуразурнато. Што град ќе беше ова? – реагира Стојан В., кого го сретнавме на кејот.

Галија напуштена/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Пред повеќе од три години, при крајот на мандатот на градоначалникот Петре Шилегов и по негов налог почна отстранувањето на бродот. Работите почнаа да ги изведуваат екипи на „Улици и патишта“, а како што беше соопштено, причина за уривањето беше тоа што сопственикот на бродот неколку месеци доцнел со плаќањето на киријата во износ од 1.000 евра месечно.

Но, откако „помпезно“ беше најавено дека ќе се трга галијата, резултатот беше неколку извадени штици, по што работата заврши на суд откако управителот Жарко Миленковски и бугарскиот инвеститор – фирмата „Сервис емус“ АД Скопје, тврдеа дека немаат никаков долг кон Град Скопје и правдата ја побараа пред судските органи. Миленковски тврдеше дека во бродот е инвестирано повеќе од 1,2 милиони евра, дека Градот нема ништо вложено, но и дека нема никакви побарувања од нив.

Многу нешта се случија во таа 2021 година откако беше донесена одлуката за уривање па до одржувањето на локалните избори. Имаше и бркање на работниците кога одново ќе се обидеа да продолжат со уривањето на бродот .

Потоа, во градоначалничката фотелја седна Арсовска, која на почетокот на мандатот на прашањето што ќе се прави со галијата „Среќа“ и со другите објекти и споменици од проектот „Скопје 2014“, тврдеше дека галијата ќе биде урната во согласност со дадените налози од претходниот градоначалник, но дека нема намера да урива ништо друго затоа што такво било нејзиното предизборно ветување.

Фото: Слободен печат

Почнува четвртата година од мандатот на Арсовска, а галијата стои во Вардар и исто толкав период тука не се појавиле работниците што би требало да го спроведат уривањето. Не само што не се урива, туку овој објект повеќе не се ни спомнува како да не постои.

Галиите во Вардар беа поставени во времето кога градоначалник на Скопје беше Коце Трајановски, како дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“.

Во меѓувреме беше изготвена Студија за намалување на ризикот од поплави, која ја изготви УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи, во која се предупреди дека во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти.  Постоечките три галии, како што покажаа податоците од Студијата за третина ја намалиле проточноста на реката, што самото по себе ја зголемува можноста од поплави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот