ВИДЕО | Пожар зафати тешко достапен терен во Валандово, од Општината велат дека најверојатно е подметнат
Дирекцијата за заштита и спасување информира дека денеска околу пладне е пријавен пожар на тешко достапен терен кај месноста Пирин Чешма во Валандово.
Препорачано
Од ДЗС велат дека на местото интервенираат екипи на Територијалната противпожарна единица Валандово, кои и понатаму се на терен во обид целосно да го локализираат пожарот.
Од Општина Валандово посочуваат дека, според првичните сознанија, не станува збор за случаен предизвикувач на пожар, туку за лице кое добро го познава теренот и избира локации каде што противпожарните екипи најтешко можат да интервенираат.
Градоначалникот на Општина Валандово, Ѓоко Камчев, информира дека два ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување полетаа кон Валандово со цел да интервенираат од воздух и да го локализираат пожарот на исклучително тежок и непристапен терен, пренесува Радио Валандово.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, изјави дека воздушната поддршка е испратена за да се спречи понатамошното ширење на огнот низ густата вегетација, каде постои сериозна опасност од поголеми последици врз природата.
Паралелно со интервенцијата, ТППЕ Валандово повторно упати апел до граѓаните да не палат стрништа и други површини на отворен простор, потсетувајќи дека ваквите постапки се казниви согласно закон и претставуваат сериозна опасност за животот, имотот и животната средина.
„Против секое лице кое ќе биде затекнато или пријавено дека пали стрништа ќе биде поднесена соодветна пријава до надлежните институции“, информираат од ТППЕ Валандово.
Воедно, од општината потсетуваат дека сè уште е во сила владината одлука за целосна забрана за движење во шумите, освен за лицата кои поседуваат соодветна дозвола издадена од ЈП „Национални шуми“.


