Кејн пред натпреварот со Норвешка откри дека играл голф со Трамп
Сè е подготвено за големото четвртфинално дерби на Светското првенство меѓу Норвешка и Англија, кое ќе се игра вечерва од 23 часот.
Препорачано
Во пресрет на натпреварот, пред медиумите зборуваше капитенот на Англија, Хари Кејн, кој со шест постигнати голови е меѓу најдобрите стрелци на шампионатот. Напаѓачот на Баерн Минхен ја предводи англиската репрезентација во обидот да ја освои првата светска титула по триумфот во 1966 година.
Сепак, прес-конференцијата не помина само во знакот на фудбалот. Големо внимание предизвика прашањето за неговата партија голф со американскиот претседател Доналд Трамп. Трамп уште во понеделникот откри дека играл голф со Кејн, а англискиот напаѓач сега ја потврди таа информација и откри детали од нивната средба.
„Тоа беше пред околу година и пол. Ме покани да одиграме партија голф додека престојував во Палм Бич. Кога ќе ве покани претседателот, тешко е да одбиете. Беше неверојатно искуство, а уште поинтересно беше што игравме заедно. Искрено, тој е навистина добар играч на голф. Се надевам дека и јас ќе играм толку добро кога ќе бидам на негова возраст. Тоа беше уникатно искуство и му благодарам за поканата“, изјави Кејн.
Американскиот претседател и претходно јавно го пофали капитенот на Англија. По победата на Англичаните над Мексико, Трамп на социјалните мрежи го нарече Кејн „фантастичен фудбалер“, а ден подоцна повторно истакна дека е воодушевен од неговите квалитети, додавајќи дека напаѓачот на Баерн Минхен е одличен и на терените за голф.


