ОВР Кочани / Фото: Гласно.мк
ОВР Кочани / Фото: Гласно.мк

СДСМ: Нов скандал на Тошковски, му избега наркодилер од полициска станица во Кочани кој се поврзува со „Пулс“

Скандалот во Полициската станица во Кочани отвора сериозни сомнежи за тешки пропусти, злоупотреби и спрега на ВМРО-ДПМНЕ со криминалци, велат од СДСМ во соопштение.

Лице приведено за трговија со дрога избегало од полициска станица во Кочани. Панче Тошковски не смее да молчи. Јавноста има право да знае: Кој е одговорен за овој скандал? Дали има грижа на совест што го пушти да избега наркодилерот А. Л викан Цуната, кој се поврзува и со дискотеката „Пулс“ во Кочани?

Дали началникот на ОВР Кочани, Тоше Стојанов, е во бизнис со наркодилерот викан Цуната? Каква е поврзаноста со пратеникот на ВМРО Миле Лефков, кој има слики со него? Кој дозволи да побегне преку прозор од полициска станица Кочани, или пак некој го пушти? Зошто наркодилерот не бил чуван во просториите за задржување?

Доколку обвинителството навистина подготвувало предлог за определување мерка притвор, тогаш овој случај е уште посериозен и бара итна и темелна истрага. СДСМ бара веднаш да се утврди одговорноста на сите инволвирани службени лица, вклучително и на раководството на ОВР Кочани. По две години мандат на Тошковски, МВР се соочува со низа скандали, а безбедноста и довербата се сериозно нарушени, се наведува во соопштението до јавноста од СДСМ.

Вчера вечерта, во полициската станица во Кочани, осомничен за поседување прашкаста материја во автомобилот, додека бил на распит, успеал да им избега на полициските службеници на начин што го отворил прозорецот од просторијата и избегал. Тој е близок до пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, објави Фокус, а пред два дена бил уапсен заедно со уште две лица зашто во автомобилот „субару“ со кочански регистарски ознаки во кое се наоѓал и не бил возач, била пронајдена и одземена бела прашкаста материја.

На 10 јули, 2026 година во 20 и 35 часот во Полициската станица Кочани, А.Л. (41) година од Кочани кој претходно бил задржан во полициската станица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело, од просторија отворил прозорец и се дал во бегство. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето, велат од МВР.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот