Фото „Слободен печат“ Хари Кацановски
Фото „Слободен печат“ Хари Кацановски

Кинеската компанија „Борнс медикал роботикс“ за „Слободен печат” ја објаснува својата нова технологија — робот влегува низ устата без рез и отстранува тумори

Флексибилен роботски систем што стигнува до грлото и до гласните жици преку устата, без засек на лицето или на вратот, е новата технологија што ја развива кинеската компанија „Борнс медикал роботикс“. Основачот и извршен директор на компанијата, Јао Ли, ја опишува како „неинвазивна хирургија“ која се приближува до фаза на комерцијална примена, на презентација за македонски новинари кои ја посетија компанијата во Ченгду.

Наместо хирургот да прави надворешен засек за да стигне до туморот, флексибилните инструменти на роботот се внесуваат преку устата и се движат низ тесните и закривени делови на грлото. Целта е туморот да се отстрани со што е можно помало оштетување на околното ткиво и со поголема можност да се зачуваат говорот, голтањето и дишењето.

Фото „Слободен печат“ Хари Кацановски
Фото „Слободен печат“ Хари Кацановски

Системот, познат како ТОРСС (TORSS), го развиваат „Борнс“ и Болницата за очни и ОРЛ-болести при Универзитетот „Фудан“ во Шангај. Тој е наменет за операции во грлото. Станува збор за анатомски области со нерви, крвни садови, гласни жици и со други чувствителни структури, кај кои и мала грешка може да остави сериозни последици. Според компанијата, роботот располага со флексибилни инструменти и со систем за снимање што треба да му овозможи на хирургот прецизно да работи во исклучително ограничен простор.

– Сè за што зборувавме досега се однесуваше на минимално инвазивна хирургија. Сега се обидуваме да создадеме нова технологија со неинвазивна хирургија – објасни Ли при презентацијата на системот.

Ли додаде дека роботот е наменет за пациенти со тумори на главата и на вратот, особено во длабоките делови на грлото и околу гласните жици. Кај дел од овие пациенти класичната операција може да бара голем рез и отстранување ткиво, со ризик пациентот трајно да ја загуби или сериозно да ја наруши способноста за говор.

– Се обидуваме со флексибилен робот да влеземе во грлото и да го отстраниме туморот без лузна на лицето, главата или на вратот – рече тој.

Според јавно објавените информации на компанијата, првата клиничка примена на ТОРСС кај тумор во пределот на гласните жици била изведена на 29 октомври 2024 година во болницата при Универзитетот „Фудан“.

Станувало збор за 53-годишен пациент кај кого повторно биле откриени промени во пределот на гласните жици, по претходен третман на рак на гркланот. „Борнс“ соопшти дека загубата на крв била помала од еден милилитар и дека пациентот следниот ден им се вратил на вообичаените активности.

Фото „Слободен печат“ Хари Кацановски
Фото „Слободен печат“ Хари Кацановски

Во кинескиот регистар на клинички испитувања се заведени истражувања за прелиминарната безбедност и ефикасност на трансоралниот роботски систем при минимално инвазивно отстранување тумори на главата и на вратот, како и понова проспективно регистрирана студија според рамката ИДЕАЛ (IDEAL).

 Хирургот останува зад командите

 

Роботот во оваа фаза не оперира самостојно. Хирургот ги контролира неговите движења, а системот треба да ја зголеми прецизноста и да го намали физичкиот напор, објаснува Ли.

Тој смета дека во иднина одредени чекори од операциите би можеле да се автоматизираат. Сепак, признава дека роботот засега не е подготвен самостојно да одговори на секоја неочекувана компликација.

– Кога ќе се случи нешто навистина лошо, може ли роботот да реагира? Одговорот засега е не. Човек мора да биде присутен – рече Ли.

Роботот го спореди со млад лекар што располага со голем капацитет за учење, но сè уште нема доволно искуство за најтешките ситуации.

– Роботот сега е како млад лекар. Учи многу брзо, но за тоа е потребно време. Колку повеќе податоци добива лекарот, толку подобар лекар станува. Колку повеќе податоци добива роботот, толку подобар робот станува – рече основачот на компанијата.

 Операција меѓу Шангај и Кашгар

 

Една од најзначајните демонстрации на системот била далечинска операција меѓу Шангај и Кашгар, градови оддалечени околу 5.000 километри.

Компанијата соопшти дека во февруари 2025 година тим од Универзитетот „Фудан“ управувал со роботот од Шангај, додека пациентот се наоѓал во Втората народна болница во Кашгар.

Според „Борнс“, при зафатот бил отстранет тумор на грлото без надворешен рез. Компанијата наведува дека системот пренесувал слика, звук и повратни информации од инструментите, овозможувајќи му на хирургот во реално време да ги контролира движењата оддалеку.

Ли смета дека далечинското управување може да им овозможи на пациентите во помали или во оддалечени средини да добијат помош од искусни хирурзи, без тие физички да патуваат до болницата во која се наоѓа пациентот.

Таквата примена, сепак, зависи од стабилноста и од брзината на интернет-врската, присуството на обучен медицински тим покрај пациентот, безбедноста на системот, јасно утврдената одговорност во случај на компликација и регулаторните правила во секоја држава.

Интерес за Македонија

 

На директно прашање на „Слободен печат“ дали „Борнс“ е заинтересиран да ги понуди своите хируршки роботи во Македонија, Ли одговори потврдно. Тој рече и дека македонските лекари би можеле да дојдат на обука во Кина.

Од разговорот, сепак, не произлезе дека компанијата веќе има македонски партнер, договор или конкретен рок за влез на пазарот.

Ли изјави дека во изминатите пет години компанијата обучила повеќе од 300 лекари. Според него, основното управување со роботот може релативно бргу да се совлада, но за самостојно изведување сложени операции и натаму се потребни долгогодишна медицинска обука, клиничко искуство и соодветна сертификација.

Фото „Слободен печат“ Хари Кацановски
Фото „Слободен печат“ Хари Кацановски

 Една третина од трошокот за операција со Да Винчи

 

За Јао Ли, целта не е роботот веднаш да го замени лекарот.

– Сè уште ни се потребни лекарите. Роботот е млад лекар што учи многу брзо – рече тој.

Сепак, тој смета дека автоматизираните зафати со операции на далечина може да бидат многу ефикасни и да спасат повеќе животи.

– Времето е пари. Ако останете подолго во болница, плаќате повеќе. Ако има компликации, потребно е дополнително лекување. Роботот треба да ја направи операцијата побезбедна и попрецизна, а престојот во болница пократок – рече Ли.

 Од лабораторијата на „Стенфорд“ до хируршки роботи во Ченгду

 

Јао Ли е истражувач во медицинска роботика, биомеханика, системи за управување, невроинженерство и интеракција меѓу човекот и роботот.

Фото „Слободен печат“ Хари Кацановски
Фото „Слободен печат“ Хари Кацановски

Неговата официјална биографија во „Борнс“, исто така, наведува дека се обучувал како истражувач во Лабораторијата за вештачка интелигенција на „Стенфорд“.

Компанијата е основана во 2016 година и има седиште во Ченгду, а според нејзините податоци, има истражувачки центар во Силициумската долина и клинички истражувачки центри во Индија и во Германија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот