Прпоски: Истрагата за инцидентот со авионот на „Рајанер“ е во тек, во комуникација сме со НТБС
Истрагата за инцидентот со авионот на „Рајанер“ од Солун кон Меминген, кој се случи вчера наутро над небото на Македонија е во тек, изјави за МИА претседателот на Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, Марјан Прпоски.
Препорачано
Тој додаде дека се во постојана комуникација со Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (НТБС) и оти за сите дополнителни информации во врска со случајот навремено ќе ја информираат јавноста.
ВИДЕО | Паника во авион од Солун — се скршил прозорец во кабината, повреден е патник
Авион на „Рајанер“ од Солун кон Меминген вчера се врати во Солун кратко по полетувањето откако за време на летот се откачи прозорец до патник – соопштија од авиокомпанијата „Рајанер“ за инцидентот, во кој полесно бил повреден еден од патниците.
Мојот сопруг седеше до прозорецот. Беше врзан со сигурносен ремен, но половина од неговото тело заврши надвор од авионот. Маските паднаа, никој не можеше ништо да направи, изјави сопругата на 61-годишниот српски државјанин кој во текот на лет на компанијата „Рајанер“ за малку не излета од авионскиот прозорец.
Инцидентот се случи откако дел од моторот се одвоил, а неговите делови разбија еден од прозорците во авионот. Беше објавена и фотографија од патникот кој сега е хоспитализиран во болница во Солун и е надвор од животна опасност.
Целата стресна ситуација почна кога во воздух дошло до расипување на моторот. Авионот полета од Солун за Минхен 40 минути пред да се случи инцидентот. Патниците најнапред слушнале силен тресок, после што пукнал прозорецот а еден од патниците почнал борба за живот. Откако се одвоил дел од моторот, неговите фрагменти го искршиле прозорецот. Поради големата разлика во притисокот, се создала силна вшмукувачка сила која го вовлече патникот од седиштето низ прозорецот со половина од телото надвор од авионот.
Сопругата на патникот што седела до него, во емисијата „Лајв њуз“ изјави дека таа и уште двајца патници успеале да го задржат и да го вратат назад во кабината.
Тројцата го влечевме назад во авионот. Сите плачеа, настана паника. Маж ми трипати се онесвести, рече таа.
На снимките што ги направија некои од патниците со телефоните, се гледа како во тие драматични моменти се обидуваат да си помогнат еден на друг. Пилотот постапил според процедурите и веднаш побарал дозвола за принудно слетување на аеродромот „Македонија“ во Солун додека членовите на кабинскиот екипаж се обидувале да ја смират паниката која владеела во авионот. Авионот безбедно слета во Солун а патниците се евакуирани. Патникот што беше повреден, и кој до половина излета низ прозорецот, како и луѓето што му помагаа да преживее, се пренесени во болница. Тој седел на местото 11Ф.
-Авионот нагло губеше висина. Сите бевме убедени дека паѓаме. После тоа човекот повеќе пати се онесвести. Главата му беше крвава од стаклото што се разлета кога испука прозорецот, ја опишува застрашувачката сцена патничка.


