Тони Наумовски, актер

ИНТЕРВЈУ l Тони Наумовски, добитник на наградата „Мето Јовановски“: Секое градење лик е одисеја сама по себе

Актерот Тони Наумовски е добитник на престижната награда „Мето Јовановски“ за високо уметничко достигнување во уметноста на филмот за 2026 година на петтото издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ во Дојран.

Актерот Тони Наумовски тивко, скромно и ненаметливо ја гради својата уметничка кариера. Зад себе веќе има остварено над 80 лика во различни филмски и телевизиски продукции, најмногу од нив надвор од државава. Одлуката на фестивалот „Преку езерото“ на Тони Наумовски да му ја додели наградата „Мето Јовановски“ не е заснована само на квантитетот, туку на целосниот актерски багаж што тој го носи, и како лик и како личност.

Фестивалот „Преку езерото“ ти ја додели наградата за високо актерско достигнување во уметноста на филмот „Мето Јовановски“. Какви лични чувства ти поттикна овој чин?

– Се чувствувам понизно, почестено и привилегирано. Чин што возбудува, мотивира и обврзува да се продолжи бестрашно и бескомпромисно во животот, во уметноста.

За актерот Мето Јовановски, чие име го носи наградата, изјави дека тој играл во „лига на светски шампиони“. Што најмногу те восхити во неговото актерство?

– Најмногу ме восхитува она што е невидливо, а сепак присутно, моќно и допира повеќе од зборовите. Таа длабочина и елоквентност во неговиот говор, промената на процесот на мисла и емотивна состојба јасно отсликана во неговите очи полни со живот, прашања, љубопитност и тага во исто време. Она што го собира во една точка, го запира здивот, времето и го менува просторот после кое не можеш да бидеш истиот човек.

Со врачувањето на наградата на 10 јули беше отворено петтото издание на фестивалот „Преку езерото“

Твојата животна патека се простира на илјадници километри, од Сиднеј, преку Софија, повторно Сиднеј, за сега да живееш и работиш во Њујорк. Кој беше првиот чекор на таа патека?

– Роден сум во Сиднеј. Израснат во Битола. Студирав во Софија на НАТФИЗ во класа на легендарни актерски имиња, како Стефан Данаилов, Илија Добрев и Ивајло Христов. Потребата за дообучување и надградување ме однесе на магистерски студии на најдобриот австралиски универзитет, Универзитетот на Нов Јужен Велс во Сиднеј. Стремењето кон совршенство ме доведе во Њујорк, културниот центар на светот. Добив стипендија преку Универзитетот Њујорк од Ана Стразберг, вдовицата на еминентниот Ли Стразберг, за специјализација од една година, на Театарскиот и филмски институт „Ли Стразберг“ во Њујорк, а потоа останав да ја живеам играта на животот во уметноста.

Какво влијание во твоето образование имаше европскиот модел, а каков американскиот, имајќи предвид дека го специјализираше методот на Ли Стразберг во Њујорк?

– И двата пристапа имаат огромно влијание. Но, изворот е ист. Сè потекнува од генијалниот Станиславски, татко на модерната актерска игра, кој несебично го посветил својот живот на активна анализа на човечката природа, актерската и режисерската проблематика, набљудувајќи врвни уметници од различни изведувачки уметности од целиот свет, оставајќи ни еден неограничено исполнет празен простор, за секој еден од нас да си создаде свој индивидуален начин на творење, врз основа на неговите принципи, но и на истражувањата од неговите најблиски соработници – Немирнович Данченко, Всеволод Мејерхољд, Јевгениј Вахтангов, Михаил Чехов, Николај Демидов и поколенија на други маестрални руски и светски актери, режисери, театарски, а подоцна и филмски уметници.

Прес-конференција на која беше претставен лауреатот на наградата „Мето Јовановски“ на фестивалот „Преку езерото“

Режисерот Јани Бојаџи истакнува дека актерството е професија на вечно учење. Колку овој постулат е вистина во твоето актерство?

– Да ја искористам оваа пригода да му се заблагодарам на неверојатниот Јани Бојаџи и на прекрасната екипа на фестивалот „Преку езерото“ за ова исклучително признание. Робот се стреми кон слобода, а слободниот кон совршенство. Секоја улога е нов почеток. Секое зрно на секоја улога е различно. Секое градење лик е одисеја сама по себе. Моментот кога престануваме да сме љубопитни, престануваме да живееме. Моментот кога престануваме да се надградуваме е момент кога самите себе се бришеме од постоењето.

Со каква конкуренција се соочуваш во твојата актерска работа во Њујорк, имајќи предвид дека таму работат повеќе од 50 илјади актери?

– Единствената конкуренција со која се соочувам во Њујорк, а и насекаде, е со самиот себе од претходниот миг. Во пишаната историја од последниве 10.000 години и во следните 10.000 години, никој не може да биде она што сум јас, ниту, пак, јас можам да сум она што е некој друг. Она што ме сочинува и дефинира, да сум точно јас во моментот, е симфонија од милиони специфични моменти, искуства, карактеристики итн., врежани во мојата индивидуална и колективна меморија, свест и потсвест од ова физичко постоење, а и од претходни животи. Посебност, која може да изгледа иста или слична со некого, но секогаш различна и автентична.

Сцена од филмот „Лена и Владимир“ – Сара Климоска и Тони Наумовски

Имаш соработувано со повеќе македонски режисери, додека најголем успех постигна со „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов, со кој учествуваше на над 80 фестивали и доби многу награди. Каква трансформативна функција има овој филм во твојата професионална кариера?

– Филмот „Лена и Владимир“ се закити со 96 интернационални награди и 39 номинации. За моето толкување на ликот на Владимир добив 16 актерски награди и 5 номинации, а блиску е бројката и на наградите за извонредната Сара Климоска. Да се соработува со Игор Алексов – Битлс е благослов. Посебна чест и гордост е што студиравме во исто време на НАТФИЗ во Софија. Еден високообразован, елоквентен, исклучителен човек и маестрален режисер, со големо срце и широка душа. Секогаш љубопитен и отворен да чуе и да даде простор, време за соработка во вистинската смисла на зборот, каде што најдобрата идеја, од кого било од екипата, е она што останува во процесот и филмот.

„Лена и Владимир“ е филм што се случи. Сон за секој актер. Бев почестен да присуствувам на голем број фестивали каде што учествуваме со филмот, а по секоја проекција разговорите за филмот, кои обично се по 10-15 минути, траеја по 40-60 минути. Најголем дел од тие разговори ми се документирани. Живеењето во светот на ликот има три крупни фази. Подготовката, која е најважна за суштината на ликот, самото снимање или сликање на комплетната композиција на ликот и неговиот одзив и одзивот на филмот потоа. Од самиот почеток „Лена и Владимир“ имаше и сѐ уште има трансформативна функција од повеќе причини, за кои би ни требало многу повеќе време и простор да се разговара подетално. Бескрајно сум благодарен за овој лик и на брилијантната екипа на „Лена и Владимир“.

Во тој филм особено е важен партнерскиот однос помеѓу двата главни лика. Каков однос имаш кон режисерот, актерите партнери и другата екипа на филмскиот сет?

– Односот е еднаков кон секого. Од возачот наутро до возачот на крајот на снимањето и сите помеѓу. Со љубов, почит, разбирање, поддршка и позитивна енергија. Служиме на нешто што е поголемо од секоја наша индивидуална амбиција. Сите сме тука за една цел – да создадеме врвно уметничко дело. За тоа да биде така, секој здив, секој момент, секоја мисла од секого, придонесува да се создаде креативна атмосфера што просветлува, ослободува, обликува и поместува граници.

Личниот пристап постојано се менува затоа што и самиот јас постојано се менувам и се надградувам

Каков личен метод воспостави при влегувањето во секоја нова улога?

– Личниот пристап постојано се менува затоа што и самиот јас постојано се менувам и надградувам. Секогаш си играм со нови пристапи. Тоа бескрајно ме исполнува, без разлика што останува на крајот, но тој процес на игра освестува нови елементи и отвора нови хоризонти. Не се ограничувам за ништо на никаков начин.

Што ќе бидат твоите следни актерски предизвици?

– Да продолжам како и досега – бескомпромисно, кога станува збор за квалитетот на делото и на ликот. Да се борам со секој здив и за секој миг на мојот лик и да наоѓам начин да компонирам еден комплексен, комплетен, слоевит лик, со цел спектар на живот.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 339, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.7.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот