Изложба на дела од меѓународниот отворен повик на фестивалот „Зрно“ ќе биде поставена во КИЦ-Скопје
Меѓународниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“ и оваа година ја продолжува својата мисија да создава простор за современа авторска фотографија, експериментални визуелни практики и меѓународна културна размена во Македонија.
Препорачано
Во контекст на локалната сцена, каде ваквите платформи на кое и да е поле се ретки, фестивалот претставува важна точка за поврзување на домашни и странски автори, публика и независни културни иницијативи.
Изложбата на селектираните дваесет автори од Отворениот повик ги обединува различните современи пристапи кон фотографијата – од документарни и интимни серии, до експериментални, концептуални и хибридни визуелни форми. Изложбата е со наслов „Unfocus to see“ и ќе биде отворена на 10 јули, во 21 часот, во Културно-информативниот центар во Скопје.
Селекцијата на делата е направена од осумчлено меѓународно жири во состав: Ева Шлегл (Eva Schlögl) – Виена; Драго Вејновиќ (Drago Vejnović) – Бања Лука; Ане-Мете С. Сомер-Келтер (Anne-Mette S. Sommer – Kelter) – Копенхаген; Жозеп Домингез Кастелс (Пеп Мингез) – Барселона; Ивана Брезовац (Ivana Brezovac) – Белград; Флоријан Копр (Florian Kopr) – Виена; Наташа Такач (Nataša Takač) – Осијек; и Сашо Алушевски – Скопје.
Преку внимателно одбраните дела, изложбата отвора прашања за меморијата, пејзажот, телото, заедницата, екологијата и секојдневниот живот.
Селекцијата вклучува автори од петнаесетина земји, создавајќи простор за дијалог помеѓу различни визуелни јазици и културни искуства. Особено значајно е што дел од претставените проекти се занимаваат со маргинални простори, локални приказни и теми кои ретко добиваат видливост во институционалниот културен контекст.
Изложбата ја нагласува фотографијата не само како документ, туку и како средство за истражување, лична архива и критичко размислување за современото општество.
Покрај изложбената програма, фестивалот продолжува да поттикнува едукација, соработка и активно учество на млади автори и локални заедници. Настанот претставува можност публиката да се сретне со актуелни меѓународни фотографски практики во директен и достапен формат.
Изложбата на Отворениот повик е дел од програмата на „Зрно 2026“ и ќе биде отворена за посетителите во рамки на фестивалот „Скопско лето“. Програмата на „Зрно“ е делумно поддржана од Министерството за култура и туризам.


