Самостојна изложба на Марија Чепишева ги открива најдлабоките слоеви на душата
Во галерија „Остен“ на 9 јули, во 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на Марија Чепишева со наслов „Огледало на срцето – одек на чувствата“. Изложбата ќе биде поставена до 31 јули.
Препорачано
Изложбата „Огледало на срцето – одек на чувствата“ (Speculum Cordis – Echo Pathos) претставува визуелно, звучно, сетилно и емотивно патување низ различните манифестации на храброста.
– Овде, храброста не е само гест на физичка издржливост – таа е тивката љубов што опстојува и покрај болката; истрајноста што го обликува хаосот во визија; трансформацијата што настанува кога ќе се осмелиме да паднеме и, уште повеќе, кога ќе се осмелиме да се издигнеме над сопствените стравови.
Поставката опфаќа 26 дела – симболичен број кој ја доловува спиралата на човечкиот живот исполнет со искушенија и триумфи. Сликите се изработени во комбинирани техники, на различни подлоги: платно, тврда подлога и форекс. Различните материјали не се само носечки структури, туку активни учесници во раскажувањето на приказната. Секоја површина носи своја текстура, свој отпор и своја мекост, симболизирајќи ги слоевите на нашата психа.
Посебен акцент е ставен на богатството на текстури и бои. Преку контрастите – помеѓу светлината и сенката, убавото и помалку убавото, пријатното и помалку пријатното, љубовта и тагата, срамот и восхитот – уметницата се обидува да ја долови комплексноста на човечката сила. Овие дела се метафора за моќта што произлегува од најдлабоките слоеви на душата, онаа моќ што често ја криеме, а само понекогаш, со огромна храброст, ѝ дозволуваме да блесне пред светот – истакнуваат од „Остен“.
Марија Чепишева (род. Лазаревска) е родена во 1975 г. во Скопје. Во 1999 г. дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот графика во класата на проф. Димитар Малиданов, а графички дизајн кај проф. Костадин Танчев – Динка. Во 2021 г. завршила педагошка доквалификација на Педагошкиот факултет во Скопје, а во 2023 г. се стекнала со звањето магистер по ликовни науки – графика на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, под менторство на проф. д-р Трајче Блажевски и академик проф. д-р Фехим Хусковиќ.
Член е на ДЛУМ од 1999 година. Добитник е на Големата графичка награда на ДЛУМ (1999), Откупната награда на НУБ „Св. Климент Охридски“ (1999), наградата „Остенов уметник на годината“ (2024) и наградата на Културно-информативниот центар – Скопје за ликовно творештво во мал формат (2025).


