Мароко — од репрезентација која знае да изненади, до закана и за најсилните
„Нема да се подготвуваме поинаку за натпреварот против Бразил, затоа што имаме сопствена филозофија.“
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Со оваа изјава на селекторот Мохамед Уахби, Мароко го започна Мундијалот. Тој имаше цел да порача дека неговата репрезентација се трансформира во фудбалска сила, а резултатите и игрите на Мундијалот на Мароканците се најдобрата потврда за тоа.
Ова повеќе не е истиот Мароко што го гледавме на Мундијалот во 2022, кога стигнаа до историско полуфинале. Наместо да се бранат и да чекаат шанси од контранапади, сега Мароканците се тие што најчесто ја контролираат играта и најголемиот дел од времето ја имаат топката во своите нозе.
Натпреварот против Бразил, иако заврши 1-1, најдобро ја сумира еволуцијата на оваа селекција. Од репрезентација која се потпираше на трпение, дисциплина и навремено казнување на противничките грешки, Мароко прерасна во тим што го диктира текот на натпреварот. Не чекаат некој да им отвори врата – си ја отвораат сами.
Ремито против Бразил може да се толкува како повеќе од фудбал.
Со децении африканските репрезентации главно имаа улога на аутсајдери, тимови кои одвреме-навреме знаат да направат некое изненадување, но ништо повеќе од тоа. Денес Мароко го надмина тој стереотип. По историското полуфинале во Катар во 2022 г., Мароканците освоија бронза на Олимпијадата во Париз во 2024 г., титулата на Светското првенство до 20 години во Чиле во 2025 г., како и спорната титула на домашно тло на Африканскиот Куп на нации. Овие континуирани успеси создадоа слика за репрезентација која редовно може да се носи со најсилните во светот.
Голем дел од заслугите за новото лице на Мароко му припаѓаат на тренерот Мохамед Уахби, кој ја презеде репрезентацијата само три месеци пред Мундијалот, наследувајќи го Валид Регари. Уахби за многу кратко време изгради нов стил на игра. Тој стил не е направен само поради естетика, туку се базира од квалитетите на мароканските фудбалери, нивната одлична индивидуална техника, брзата циркулација на топката, брзиот пренос на топката во последната третина од теренот, како и смирената завршница. Смиреноста на Мароканците најдобро се виде против Холандија, кога „Атланските лавови“ доминираа во поседот на топката, а Холанѓаните се повлекоа.
Победата над Холандија дополнително ја зголеми самодовербата на целиот тим.
Стилот на Уахби сепак бара и играчи кои можат да го реализираат тоа. За среќа Мароканците располагаат со неколку такви фудбалери. Најистакнат меѓу нив е 18-годишниот Ајуб Буади, едно од најголемите откритија на Светското првенство 2026, кој дебитираше за Мароко токму против Бразил.
Младиот играч на Лил привлече внимание со способноста да ги поврзува линиите, смиреноста под притисок и извонредното читање на играта, токму квалитетите што му беа потребни на Уахби за да ја зацврсти новата идентификација на Мароко.
Во некоја друга реалност, Буади денес ќе го носеше синиот дрес на Франција во Бостон во четвртфиналето, а не црвениот на Мароко. Тој е роден во Сенлис, на околу еден километар северно од Париз, и ги помина сите младински категории во Франција. На само 17 години, беше капитен на селекцијата на Франција до 21 година.
Неговата желба првично беше да игра за Франција. Пред неколку месеци дури ја одби поканата на Мароко за Африканскиот куп на нации.
Само шест месеци подоцна ситуацијата целосно се промени.
Буади повеќе не сакаше да чека шанса во француската репрезентација и не сакаше да го пропушти Светското првенство.
Дешан имаше можност да го повика уште во мартовскиот репрезентативен циклус и да го однесе во САД со Франција, но тоа не се случи.
Францускиот селектор добро го познава младиот играч. Го следеше на натпреварите на Лил во француската лига како и во Лигата на шампионите, кога доминираше против Реал Мадрид во октомври 2024 година.
Денес Буади ќе настапи против Франција, репрезентацијата за која што сакаше да настапи.
Покрај одличната форма на Мароко, Франција важи за фаворит. „Триколорите“ досега ги победија сите свои противници. Нападот на Франција сочинет од Мбапе, Дембеле и Олисе изгледа импресивно. Одбраната на Мароко, предводена од голманот Боно, ќе мора да вложи максимум за да го запре францускиот напад.
Почнува четвртфиналето на Мундијалот: Мароко сонува одмазда против моќната Франција


