За првпат две тенисерки од Чешка ќе се борат за трофејот на Вимблдон
Вимблдон годинава сигурно ќе добие нова чешка шампионка, откако Каролина Мухова и Линда Носкова изборија место во големото финале на најпрестижниот тениски турнир.
Препорачано
Со тоа продолжува доминацијата на чешките тенисерки во Лондон, бидејќи ова ќе биде третпат во последните четири години победничкиот трофеј во женска конкуренција да заврши во нивни раце. Единствен исклучок беше минатата сезона, кога титулата ја освои Ига Швјонтек од Полска, додека претходно триумфираа Барбора Крејчикова и Маркета Вондроушова.
До своето прво финале на Вимблдон, 12. тенисерка на светот Линда Носкова стигна со убедлива победа над Украинката Марта Костјук. Чехинката славеше со 6:4 и 6:4 за 81 минута игра, при што во текот на целиот меч ја имаше контролата врз случувањата на теренот.
Во второто полуфинале публиката уживаше во вистинска драма. Каролина Мухова по голема борба ја совлада Коко Гоф со 2:1 во сетови (6:2, 1:6, 7:6), спасувајќи меч-топка во решавачкиот тај-брејк, кој го доби со 12:10.
За Мухова ова ќе биде второ грен слем финале во кариерата, а воедно ја продолжи и серијата од десет последователни победи, со што во одлична форма ќе го дочека дуелот за шампионскиот трофеј.


