Зверев со рутинска победа над Фриц избори полуфинале на Вимблдон
Германскиот тенисер Александар Зверев за првпат во кариерата се пласираше во полуфиналето на Вимблдон, откако во четвртфиналето одигра извонреден меч и со 3-0 (6-4, 6-4, 6-2) го совлада Американецот Тејлор Фриц.
Препорачано
Фриц влезе во дуелот со одличен меѓусебен скор против Германецот, имаше 10 победи во 15 натпревари и серија од седум последователни триумфи против Зверев. Сепак, таа традиција беше прекината на тревата во Лондон, каде што вториот носител доминираше од првиот до последниот поен.
Зверев од самиот почеток го наметна своето темпо. Во првиот сет запиша осум аса и имаше дури 82 проценти успешност на првиот сервис.
Во вториот сет Фриц ја подобри својата игра и исто така беше сигурен на сервис, но Германецот беше речиси безгрешен. Направи само пет неизнудени грешки и го освои сетот со 6-4.
No. 2 Alexander Zverev takes down No. 6 Taylor Fritz in straight sets to book a spot in the semifinals 🇩🇪
He’ll face the wildcard Arthur Fery 🍿 pic.twitter.com/07cJNyioRN
— ESPN (@espn) July 8, 2026
Американецот подобро го отвори третиот сет и го доби првиот гем, но потоа следуваше целосна доминација на Зверев. Германецот освои пет последователни гема со речиси совршена игра, а по шест одиграни гема имаше само две неизнудени грешки. Фриц успеа да освои уште еден гем, но тоа беше сè. Зверев рутински го приведе мечот кон крајот, го освои третиот сет со 6-2 и заслужено обезбеди место во полуфиналето.
Alexander Zverev at his best. 💥 pic.twitter.com/KU7fcOtHiJ
— Wimbledon (@Wimbledon) July 8, 2026
Статистиката најдобро ја покажува неговата доминација, мечот го заврши со само 15 неизнудени грешки, наспроти дури 28 на Фриц.
За 29-годишниот Германец ова е најдобриот резултат во кариерата на Вимблдон. Иако веќе ја освои својата прва грен слем титула годинава на Ролан Гарос, каде во финалето го победи Флавио Коболи, досега никогаш немаше стигнато подалеку од четвртото коло на најпрестижниот турнир на трева.
„Само сум среќен што сè уште сум дел од турнирот. Минатата година ова време веќе тренирав на тврда подлога. Да имам можност да одиграм уште два меча тука е една од најголемите почести во тенисот. Сон ми беше конечно да заиграм добро на Вимблдон и долго го чекав овој момент“, изјави Зверев по натпреварот.
Во полуфиналето ќе се соочи со британскиот тенисер Артур Фери, кој приреди големо изненадување со победата над Коболи со 3-0 во сетови.
Зверев и Фери досега никогаш не играле меѓусебен натпревар, а Германецот ќе ја има улогата на фаворит. Сепак, Британецот е во животната форма и со поддршка од домашната публика ќе се обиде да приреди уште една сензација.
Во другото полуфинале ќе се сретнат актуелниот шампион Јаник Синер и седумкратниот освојувач на Вимблдон, Новак Ѓоковиќ.
Вимблдон: Костјук ја елиминираше Паолини и закажа полуфинале против Носкова


