Инфективна клиника / фото: МИА / архива

Пациент болен од маларија лежи на Инфективна, се заразил на одмор во Африка

На Инфективната клиника во Скопје е згрижен пациент со потврдена маларија, објави телевизијата „24“, а според информациите, човекот бил на патување на африканскиот остров Занзибар, кој последниве години стана популарна дестинација за дел од туристите од Македонија.

Тој пројавил симптоми на висока температура и имал треска, по што веднаш се јавил на клиниката каде е задржан на болничко лекување.

„Поради тоа што престојувал на тоа место директно се јавил на инфективната клиника, по прегледот и иследувањата од страна на дежурниот лекар потврдена е маларија – моментално е стабилен, нормално дека има епизоди на треска, но доброто е што навреме се јавил и очекуваме текот на лекувањето да биде успешен“, вели директорот на Инфективна, д-р Фадиљ Цана.

Тој додава дека болестите карактеристични за тропските предели очекувано се јавуваат во летната сезона, кога многу луѓе патуваат.

„Имајќи предвид дека сега е летна сезона и тоа се вообичаени болести, особено во современиот свет во кој сега доста се патува и во тропски подрачја, треба да се има предвид: ако пројават температура, треска, општа омалаксаност, веднаш треба да се јават на лекар за да се провери дали е поврзано со престојот или е можеби друго заболување и навреме да се дијагностицира. За сите овие заболувања, ако навреме се оди на лекар, исходот би требало да е позитивен“, вели д-р Цана.

Двајцата пациенти кај кои претходно беше потврдена западнонилска треска и натаму се лекуваат на Клиниката. Тие, според лекарите, се во добра состојба и наскоро ќе бидат пуштени дома.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот