Фото: Zoonar/joanna wnuk, Zoonar GmbH / Alamy / Profimedia

Нутриционистите го открија најдобриот пијалак пред спиење за слабеење

Консумирањето храна и пијалаци доцна навечер обично не се поврзува со слабеењето, но изборот на вистински пијалак може да ги поддржи вашите цели. За разлика од цврстата храна, течноста брзо се празни од желудникот, поради што не обезбедува долготрајно чувство на ситост, а калориите лесно можат да се наталожат.

Сепак, нутриционистите се согласуваат дека постои пијалак што може да помогне во слабеењето, а нивен фаворит е – кефирот. Овој ферментиран млечен производ е богат со хранливи материи што го поттикнуваат губењето на килограмите, пишува „Да се јаде добро“ (EatingWell).

Како кефирот може да помогне во слабеењето

Кефирот е одличен извор на протеини, што е клучно за градење и одржување на мускулната маса, како и за потиснување на гладот. Една мала шолја кефир содржи околу девет грама висококвалитетни протеини, и тоа два вида: казеин и сурутка. Иако сурутката е попозната, казеинот исто така игра важна улога. Едно истражување покажало дека нема разлика помеѓу внесувањето сурутка и казеин пред спиење бидејќи двата вида ја потикнале синтезата на мускулните протеини.

Освен тоа, кефирот содржи пробиотици, односно живи бактерии кои ги хранат добрите бактерии во цревата и на тој начин придонесуваат за здрав микробиом. Според зборовите на нутриционистката Џесика Кординг, пробиотиците помагаат во регулирањето на телесната тежина.

– Истражувањата покажаа и дека здравјето на цревниот микробиом може да влијае на дебелината и телесната тежина. Иако станува збор за понова област на истражување, се смета дека она што е добро за цревата веројатно помага и во контролата на телесната тежина – објаснила таа.

Кефирот е исто така добар извор на калиум, кој помага да се неутрализира ефектот на натриумот. Премногу натриум во исхраната може да предизвика задржување на вода и надуеност. Со внесувањето калиум од кефирот, можете да го поттикнете елиминирањето на вишокот вода, што ќе ви помогне да се чувствувате полесно наутро.

Совети за избор на пијалак за слабеење

Ако барате пијалак што ќе ви помогне да ослабете, нутриционистите ве советуваат да обрнете внимание на неколку работи. Пред сè, водете сметка за калориите.

– Генерално, важно е да внимавате на вкупниот внес на калории, а калориите од течностите брзо се собираат, особено ако содржат додаден шеќер, а не и протеини – рекол нутриционистот Крис Мор.

Исто така е важно да се размисли за хранливата вредност.

– Пијалаците со калории имаат свое место, но изберете ги оние што нудат и нутритивни придобивки. На пример, кефирот нуди протеини и пробиотици што се корисни за цревата. Кравјото млеко и незасладеното соино млеко исто така обезбедуваат протеини – советува Кординг.

Пијалаците богати со протеини и влакна ќе ви помогнат да се чувствувате сити. Можете да додадете влакна со мешање на кефир со овошје и семки, на пример, ленени. На крајот, секогаш проверете ја декларацијата и изберете пијалаци без додадени шеќери, бидејќи тие речиси и немаат никаква хранлива вредност.

Други пијалаци за доцна навечер што го поттикнуваат слабеењето

Иако кефирот е одличен избор, тој не е единствениот. Нутриционистите препорачуваат и неколку други пијалаци за консумирање пред спиење.

Смути од свежо сирење и овошје е добра опција бидејќи свежото сирење е природно богато со казеин. Во комбинација со овошје, добивате вкусен пијалак без додаден шеќер. Топлото млеко, како кефирот, е богато со протеини, но содржи и хранливи материи што го поттикнуваат сонот, како што се калциум, магнезиум и триптофан. Квалитетниот сон е важен, бидејќи истражувањата покажуваат дека луѓето кои спијат помалку имаат тенденција да имаат повисок индекс на телесна маса.

Чај од билки е исто така добар избор. Шолја незасладен чај од билки по вечерата може да го поттикне варењето и да ви помогне да се опуштите. Кординг препорачува чај од нане, ѓумбир или камилица.

Заклучок на нутриционистката

Кога целта е да ослабете, она што го пиете пред спиење може да има значително влијание. Калориите од течностите брзо се таложат и не даваат чувство на ситост како цврстата храна. Ако барате пијалак доцна навечер што може да ви помогне да ослабете, незасладениот кефир е најдобриот избор.

Тој обезбедува протеини за ситост, пробиотици за здрав цревен микробиом и калиум што може да ја намали надуеноста. При купувањето, секогаш проверете ја декларацијата за да бидете сигурни дека производот не содржи додадени шеќери. Ако сепак сакате малку сладост, едноставно измешајте го со грст бобинки.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот